Пописот е шанса и основна појдовна точка да се направат целосно општествено реструктурирање и реформи за вртење нова страница во развојот на државата. Во таа насока, обидите за политичко тактизирање, опструирање или фингирање на целата операција и бројките се недозволиви и претставуваат сериозен ризик за иднината на државата. Тргнувајќи од значењето на пописот како најголема и најважна статистичка операција, „Нова Македонија“ во следните денови, преку серија аналитички текстови, ќе се обиде да продре во суштината на целата проблематика и да понуди одговори на сите отворени прашања поврзани со пописот, консултирајќи се со видни експерти и истовремено правејќи споредбени анализи на меѓународните искуства, прописи и стандарди
Пописот како матурски испит на зрелоста
Последните најави за непризнавање на пописните резултати повторно ја доведуваат под знак прашалник целата операција за статистичкото пребројување на населението во државата, најавено за април оваа година, со што повторно се наметнува прашањето дали земјава ќе доживее ново фијаско во намерата да ги преброи сопственото население и добра.
Власта ја обвини опозицијата дека намерно го опструира целиот процес, додека опозицијата возврати со обвинување за меѓупартиски договор меѓу СДСМ и ДУИ и обид за фингирање на резултатите.
Според актуелните ставови на политичките субјекти во земјава, извесно е дека тешко во следниот период ќе се постигне консензус по прашањето за пописот, така што повторно се наметнува дилемата дали граѓаните ќе ја платат цената на уште еден неуспешен попис.
Пописот е појдовна точка како шанса да се направи целосно општествено реструктурирање, односно да се види со што сè располага државата за да се подготват соодветни развојни политики, кои ќе придонесат за развој на земјата.
Тргнувајќи од значењето на пописот како меродавна статистичка операција, „Нова Македонија“ во следните денови, преку серија аналитички текстови, ќе се обиде да продре во суштината на целата проблематика и да понуди одговори на сите отворени прашања поврзани со пописот.
Во таа насока, на почетокот ќе дадеме осврт за спротивставените ставови на двете најголеми партии во земјава и нивните аргументи зошто треба, односно не треба да се одржи пописот според најавениот закон што сега е во Собрание.
– Спроведувањето попис мора да се темели на постигнат консензус од сите политички чинители, сите општествени фактори, за да може да дојдеме до успешно спроведена статистичка операција во која ќе имаат доверба сите граѓани на Република Македонија – вели Дафина Стојаноска, членка на ИК на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и собраниска пратеничка.
Таа најави дека во следниот период ќе иницираат собирање потписи во подрачните единици на Министерството за правда за предлог-закон што ќе биде доставен во Собранието и за поништување на овој закон што е сега во собраниска процедура.
– Република Македонија треба да спроведе попис што ќе ги содржи препораките на Евростат и регулативите на Европскиот парламент, како и препораките и стандардите на Обединетите нации и затоа, како земја што треба да започне преговори со Европската Унија, не смееме да си дозволиме експерименти, кои очигледно се само коалициски пазарења – истакнува Стојаноска.
Од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека нема да ги признаат резултатите од пописот ако тој се случи без консензус.
Од владејачката СДСМ порачуваат дека попис мора да има, бидејќи е важен за развојот на државата, и дека ќе бидат применети сите безбедносни алатки за да нема фингирање на резултатите.
– Државата има електронски регистар на население, кој ќе биде поврзан со уредите за попис, и податоците ќе бидат споредувани со податоците на други 10 институции и проверени. Што значи не е можно да се попишат лица што не постојат – тврди Славјанка Петровска, пратеничка на СДСМ.
Според неа, пописот ќе биде по највисоките меѓународни стандарди, дигитализиран и во согласност со прописите на Евростат.
– По цели 19 години, на нашата земја ѝ е неопходен попис. За да може подобро и рамномерно да се развива, за креирање нови долгорочни развојни политики. Тоа е во интерес на државата, на народот, на сите наши граѓани – вели Петровска.
Познавачите на состојбите сметаат дека целиот проблем со пописот настанал токму во моментот кога политиката се вмешала во статистичката операција.
– Од политизирањето на пописите секогаш се доаѓа во ситуација некој да не ги признава резултатите или да не се сметаат за веродостојни. Секаде каде што навлегува политиката, се јавува проблем, особено во науката и струката – вели Дончо Герасимовски, аналитичар и познавач на состојбите со пописите.
Според него, главната причина поради која пропадна пописот и во 2011 година беше политизирањето на целиот процес.
– Мешањето на политиката во подготовка на попис, на закони, како и на спроведување на самиот попис претставува проблем. Тоа е факт. И во 2011 година, кога според тогашниот закон за попис се формира државна пописна комисија, се знаеше дека таа ќе дејствува политички. Затоа и пропадна пописот тогаш – категоричен е Герасимовски.
Тој додава дека пописот не е политика, туку статистичка операција, па затоа не е задача на партиите да одлучуваат дали е тој веродостоен или не.
– Пописот не е ниту политичка, ниту партиска, ниту етничка појава, туку е операција потребна за државата, операција што ја спроведува надлежен статистички орган и операција што се одвива во согласност со сите препораки и стандарди – истакнува Герасимовски.
Според него, за пописот е потребна само волја, вклучувајќи и политичка.
– Сите сме согласни дека е потребен пописот, но никако да се постигне согласност. Пописот ја крои иднината на државата – заклучува Герасимовски.