Колку задолжителното, законски уредено вакцинирање против ковид-19 може да ја подобри и да ја држи под контрола епидемиолошката ситуација во земјава? Деновиве вакви прашања се актуелни во повеќе држави. Размислувањата и предлозите одат дотаму, дури граѓаните на земјите да бидат обврзани со посебен закон на задолжителна имунизација
Колку задолжителното, законски уредено вакцинирање против ковид-19 може да ја подобри и држи под контрола епидемиолошката ситуација во земјава? Деновиве вакви прашања се актуелни во повеќе држави. Размислувањата и предлозите одат дотаму граѓаните на земјите со посебен закон да бидат обврзани на задолжителна имунизација.
Веќе има држави што законски го регулираат вакцинирањето
Иако далеку од нас, примерот со Австралија е исклучително интересен за нотирање и размислување. На пример таму, во Австралија, која се соочува со тешки последици од делта-сојот на вирусот, активен е процес за носење легислатива што ќе донесе задолжителна вакцинација на граѓаните. Имено, австралискиот премиер Скот Морисон одлучил дека вакцинацијата треба да стане масовна и таквата иницијатива е ставена во парламентарна процедура. Иако во моментов имунизацијата во оваа земја е задолжителна за постарите граѓани, за медицински персонал, армијата и полицијата, но и за вработените во хотелите во кои се престојува во карантин, со оваа иницијатива се проширува задолжителното вакцинирање за многу поширока група граѓани.
Уште еден ваков пример во светот е регистриран во Туркменистан, каде што здравствените власти соопштија дека вакцинацијата против ковид-19 со закон е задолжителна за сите жители на возраст над 18 години, откако во регионот на Централна Азија започна да се зголемува бројот на нови инфекции.
Од соседството на оваа тема неделава дискутираше и словенечкиот премиер Јанез Јанша, кој изјави дека некои земји-членки на ЕУ веќе подготвуваат законски решенија за задолжителна вакцинација на одредени категории на населението против ковид-19, а некои дури размислуваат за задолжителна вакцинација на сите возрасни лица. Јанша информира дека во периодот што следува, Словенија ќе мора да размислува за ваквите решенија за битка со пандемијата и да донесе конечна одлука. Во своја информација на оваа тема, „Дојче веле“ соопштува дека државниот врв во Србија предводен од Александар Вучиќ размислува да воведе законска задолжителна вакцинација против ковид-19, но сето тоа се одложува поради очекувањата од потенцијална голема непопуларност кон овие владини политики на земјата.
Во контекст на актуелните случувања за нотирање се податоците дека земјите од поранешна Југославија во кои спаѓа и Македонија имаат позитивни искуства со масовна имунизација и со справување со пандемии. Во 1972 година, нашата земја во состав на поранешната Југославија со задолжителна законска имунизација на целото население од 18 милиони за краток рок од нешто повеќе од два месеца успева да ја совлада епидемијата на вариола вера.
Во меѓувреме, овие актуелни настани се интересни за следење и од македонска перспектива на случувањата бидејќи земјата располага со соодветни количества вакцини, но поседува и договори за набавка на нови дози на средства за имунизација од државите од ЕУ, Кина и од Русија. Во моментов фокусот во Македонија е ставен на потребата од масовна вакцинација, а од понеделник ќе почне теренската вакцинација и ќе се дозволи вакцинирање на деца од 12 до 16 години со вакцината на „Фајзер“.
Односно, со масовната имунизација на нашето население ќе се ублажат или анулираат здравствените ризици што ги носи новиот сој на вирусот, чие присуство веќе е утврдено кај десетина пациенти што се лекуваат во македонските болници, а сето тоа предизвикува загриженост кај граѓаните.
За и против законско регулирање на вакцинацијата
Здравствените и правните експерти со кои се консултиравме се поделени во размислувањата дали на Македонија ѝ е неопходна задолжителна законска вакцинација против вирусот.
Доктор Мартин Јовановски, поранешен висок претставник за повеќе светски реномирани фармацевтски компании за Македонија, вели дека излезот во здравствената и економска криза лежи во масовната имунизација на нашето население.
– Јас лично верувам дека имунизацијата треба да е задолжителна со закон. Иако засега додека трае летниот период мноштвото од развиените земји не вовеле закон за оваа намена, верувам дека во скора иднина ако се влоши глобалната здравствена слика сето тоа ќе стане нужно зло. Оттаму верувам дека како што состојбите со легислативата ќе се развиваат во светот така сето тоа ќе се прелее и во Македонија – вели Јовановски.
Тој советува дека државните власти сега веќе треба да размислуваат и за оваа непопуларна законска опција и што поскоро да го дочекаат новиот бран на пандемијата предводен од делта-вирусот со готово законско решение, кое ќе се даде за дебата во нашата јавност и парламент.
Адвокатот Звонко Давидовиќ во својот осврт на случувањата објаснува дека дилемата со воведувањето на законите за задолжителна имунизација ќе биде материја што разбирливо многу ќе биде експлоатирана во правната наука.
– Во моментов во светот провејуваат две правни мисли што се дијаметрално различни на оваа тема. Едните веруваат дека колективното здравје е примат и во тој правец треба правно да се уредат сите мерки што ќе го загарантираат колективното здравје наспроти индивидуалното. Други, пак, веруваат дека личните права и слободи се нераскинливи со граѓаните на една земја, па оттука не постои државен механизам што би можел подобро да се грижи за здравјето на еден човек од лично тој самиот – вели адвокатот.
Давидовиќ верува дека како и сите работи во светот, така и со овој чин вистината е некаде на половина пат од двете спротивни размислувања.
– Во иднина верувам дека државите од Европа ќе донесуваат закони што нема да бидат задолжителни, но истовремено ќе бидат условувани ако одредени нивни граѓани нема да сакаат да се вакцинираат. Во правните кругови се размислува на пример ако се воведе закон за имунизација, а некој одбие да се имунизира, истото лице потоа да не може да патува во странство, да не може да го запише детето во училиште и да не може физички да го посетува работното место – вели Давидовиќ.
Тој заклучува дека периодот што следува ќе биде интересен и за Македонија, бидејќи евентуално како и сите држави и ние ќе треба правно да ја регулираме оваа тешка област, која самата по себе е мерка што нема да биде популарна кај населението, а со тоа и кај гласачите на партиите.