Фото: Маја Јаневска-Илиева

Најдобра потврда дека јужниот сосед не расчистил со прашањето за името е текстот што стои на официјалната веб-страница на грчкото министерство за надворешни работи, каде што во делот на прашањата од доменот на надворешната политика се прави една историска рекапитулација на генезата на спорот за името, нормално, видена низ грчка перспектива. Аргументите изнесени во овој текст, ако малку подлабоко се анализираат во контекст на меѓународните правни норми и практики, всушност не се ништо друго, освен еклатантен пример за целосно прекршување на меѓународното право од грчка страна и користење на позицијата на моќ во однос на Македонија

 

Прашањето за името сè уште во фокусот на грчкото МНР

И покрај постоењето на Преспанскиот договор, прашањето за името за Грција не е апсолвирана работа. Официјална Атина и во иднина со незапрена динамика ќе ги користи сите дипломатски и недипломатски алатки да издејствува целосно деноминирање на македонскиот народ и она што го поврзува со терминот Македонија.

На сајтот на грчкото МНР, еклатантен пример на прекршување на меѓународното право

Најдобра потврда дека јужниот сосед не расчистил со прашањето за името е текстот што стои на официјалната веб-страница на грчкото министерство за надворешни работи, каде што во делот на прашањата од доменот на надворешната политика се прави една историска рекапитулација на генезата на спорот за името, нормално, видена низ грчка перспектива.
Аргументите изнесени во овој текст, ако малку подлабоко се анализираат во контекст на меѓународните правни норми и практики, всушност не се ништо друго, освен еклатантен пример за целосно прекршување на меѓународното право од грчка страна и користење на позицијата на моќ во однос на Македонија.
Преку една длабинска анализа на текстот што стои на страницата на грчкото МНР може да се видат сите точки каде што правото е погазено.

Грчко присвојување на терминот Македонија

Во документот објавен на страницата на грчкото МНР јасно стои дека проблемот за името започнал во 1991 година, кога поранешната Социјалистичка Република Македонија прогласи независност од СФР Југославија и стана Република Македонија.
Според Грците, терминот „Македонија“ асоцира на кралството и цивилизацијата на античките Македонци, што припаѓаат на хеленската нација и на историското и културно наследство на Грција и никој друг нема право да го присвојува.
Ова грчко тврдење целосно го разобличува универзитетскиот професор по меѓународно право од Институтот за политички студии во Белград, Игор Јанев, наведувајќи дека ниту една држава нема ексклузивитет врз некое име.
– Република Македонија нема никаква правна врска со кралството на Македонија од антиката (или Македонска Империја од времето на Александар). Грчките наводи се смешни и бедни! Со таквите тврдења можете само да „насанкате“ комплетно неедуцирани политичари и дипломати. Тие се неосновани и во врска со историјата (името на држава не е поврзано со историја) и во врска со територијата. Правото на државноправен идентитет или државното име и изборот на идентитетот е инхерентното право поврзано со јус когенс нормата за самоопределување (на својот идентитет, народен или државен), принципот кодифициран во членовите 1 (став 2) и 55 од Повелбата на ООН и другите меѓународноправни акти – појаснува професорот Јанев.
Тој како дополнување на своите тези наведува примери каде што и други држави користат имиња без да се прави некакво историско поврзување, а Грција не реагира на тоа.
– Во САД постојат повеќе градови и места со име Кристофер Колумбо, а со ниту еден тој немал допирна точка и не бил историски поврзан. Постојат и две Атини во САД, еден е град во Охајо, додека другата е округ во Џорџија, но овој факт не ја наведе Грција да се жали поради крадење имиња или крадење на историјата – истакнува Јанев.
Според него, како државно суверено право името е неотуѓиво, непреносливо и неделиво, односно државното име не може да се одземе или наметне.
– Истовремено, државното име не може да биде предмет на преговори (како во случајот со нас) или на некаков екстерен договор или акт. Државното име е суверен идентитет и како таков е без врска со историјата или територијалните права и обврски на својата или туѓа држава – прецизира професорот Јанев.

Стратегија за всадување на македонизмот кај Грците

Понатаму во текстот за прашањето за името, грчкото МНР ја пронаоѓа генезата на овој проблем пред крајот на Втората светска војна и го посочува некогашниот претседател на СФР Југославија, Јосип Броз Тито, како креатор на денешната Македонија, а сè со цел тогаш да ја оствари својата намера за обединување на сите делови на Македонија и излез на Егејско Море.
Иако Грците тврдат дека името Македонија отсекогаш било присутно во Грција, сепак вистината е сосем поинаква, односно дека до 1987 година во оваа земја не смееше да се спомене зборот Македонија, а уште помалку Македонци. Насетувајќи го распадот на Југославија и можноста нејзината најјужна република да стекне независност под името Македонија, официјална Атина започна масовна кампања на помакедончување на целиот северен дел на земјата.
Професорот Јанев на свој начин реплицира и на оваа грчка теза изнесена во документот за прашањето за името.
– Три административни региони што беа формирани во Грција во 1987 година имаа различни имиња тогаш од „Република Македонија“ (официјалното име на нашата држава). Грција во 1987 година ги именуваше трите провинции на северот на земјата како Источна Македонија со Тракија, Централна Македонија и Западна Македонија. Ниту еден од овие административни региони не биле предмет на меѓународното право. Дополнително, кога Република Македонија посочи дека ќе стане членка на Обединетите нации, грчките власти брзо
го сменија името на аеродромот во Солун од „Микра“ во „Македонија“ (и многу други промени на имињата од слична природа исто така беа направени, само за да се докаже дека „Македонија била/и е Грција“ – истакнува професорот Јанев.
Тој потсетува дека грчкиот оддел за погореспоменатите региони своевремено се нарекувал „Министерство за Северна Грција“, а самиот северен регион се нарекуваше „Северна Грција“ (не „Македонија“).

ООН ја прекрши сопствената повелба вмешувајќи се во спорот за името

Освртот за прашањето за името грчкото МНР го продолжува со периодот на 90-тите години од минатиот век, поточно со 1991 година кога Македонија прогласува независност од СФРЈ, со апострофирање на нивната теза за узурпација на историското и културното наследство од македонска страна. Грција го издигна ова прашање на ниво тоа да се најде и пред Советот за безбедност на ОН, кој со одлуката да побара двете земји да изнајдат решение за разликите околу името флагрантно ги погази сите постулати на ООН, како и на меѓународното право.
Професорот Јанев како исклучителен познавач на меѓународноправните односи, истакнува дека ниту една држава нема ексклузивитет врз некое име, а уште помалку право некому да му оспорува како ќе си ја нарекува сопствената држава.
– За државните имиња важат обичајно (правно) општи и основни правни правила и принципи: (1) Државите немаат ексклузивни права на државните имиња; (2) Државните имиња не влијаат врз територијалните права и обврски на својата, како и на туѓа и друга држава, т.е. државното име во меѓународното право не може да се толкува како територијални претензии или иредентизам на една држава кон друга; (3) За државното име како правен идентитет и како елемент од меѓународноправниот субјективитет не е релевантна историјата или потеклото на народот, како ни физичките и популациските карактеристики на територијата за чија држава станува збор; (4) Спорови меѓу државите за државните имиња не (може да) постојат, бидејќи се работи за предметот што е во строга внатрешна надлежност на секоја држава, заштитена со Повелбата на ООН. Непризнавањето од една држава (во целина или елементите од субјективитетот) на друга поради какви и да се причини не може да се толкува како спор (или разлика) кога станува збор за инхерентните
државни права. Во оваа смисла, вмешување од Организацијата на Обединетите нации или нејзина членка во ваквите основни права и надлежности (т.е. кршењето на јус когенс норми) не е дозволено според членот 2. од Повелбата на ООН – целосно ја разобличува грчката позиција професорот Јанев.

Грција бара почитување на европските критериуми што самата ги прекрши

Интересен детаљ во самиот текст на интернет-страницата на грчкото МНР е што напредокот на земјава во евроинтеграциите се условува со целосно исполнување на европските критериуми, што е апсурд сам по себе бидејќи билатерален спор во никој случај не е европски критериум, а најмалку барањето да му се наметнува на еден народ како ќе ја нарекува сопствената држава, својот јазик и воопшто како ќе се самоидентификува.
И самото потпишување на Преспанскиот договор, кој во овој документ на грчкото МНР се елаборира во неколку пасуси во кои се наведени обврските од овој договор, во суштина за професорот Јанев е нелегитимен чин.
– Доколку нема сила или волја за раскинување на Преспанскиот договор, тогаш ќе остане „Северна Македонија“. Со сите последици, се разбира. А доколку се сака да се укине „Северна Македонија“, ќе мора да се раскине Преспанскиот договор. За мене лично е сеедно. Кој не сака да го раскине овој договор, ќе мора да се навикне на РСМ – заклучува на крајот професорот Јанев.
Практика е затворените прашања да се тргнат од официјалната страница на МНР и тие да бидат сместени во делот на архивата, како затворено досие, но очигледно за Грција прашањето за името и натаму останува врвен приоритет бидејќи сè уште не ја завршила мисијата „Македонија“.