Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во долгорочната стратегија на НАТО се наведуваат сите предизвици со кои може да се соочи Алијансата во следниот десетгодишен период, како и решенијата за нив. Каде е Македонија во овие предвидувања и како се проектираат плановите кај нас

Воената алијанса со нова стратегија до 2030 година

Справување со глобалната пандемија, зајакнување на капацитетите за сајбер-безбедноста, зацврстување на трансатлантското сојузништво, продолжување на битката со тероризмот, енергетска безбедност и засилување на еколошките капацитетите на земјите-членки се само дел од областите на кои ќе дејствува НАТО во наредната декада.
Во стратегискиот документ „НАТО 2030: Обединети за нова ера“, на 66 страници, со 138 специфични препораки, се дефинирани правците на стратегијата, која изобилува со детални планови за тоа каква е визијата на Алијансата за наредните десетина години.

Во документот како главни непријатели или ризици за безбедноста, Алијансата ги посочува Кина и Русија, подвлекувајќи дека по Студената војна дијалогот со овие две земји за меѓусебно надминување на разликите е од огромна важност. Во делот наменет за Русија, Алијансата подвлекува дека сојузниците ќе се обидат да дадат своевиден кохерентен одговор на потенцијалните ризици од Москва. Во стратегискиот концепт наменет за Кина се напоменува дека оваа држава со својата моќ и влијание предизвикува територијални претензии и ги предизвикува демократските земји во нејзиното соседство.
– НАТО ќе формира соодветно тело, кое ќе работи на справување со сите аспекти што ги има Алијансата со Кина – стои во документот.
Во заклучокот на документацијата на воениот сојуз се истакнува дека мирот што седумдесет години го уживаат европските држави е производ над дејствувањето на НАТО, а Алијансата и во наредните десет години со новата стратегиска концепција ќе продолжи да го прави истото тоа.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, вели дека новиот стратегиски концепт за НАТО е ажуриран план за тоа како Алијансата да се приспособи и да одговори на предизвикувачкото стратегиско опкружување со кое се соочува денес.

Новата стратегија како негација на тезите на Макрон

Во меѓувреме, во својата анализа на оваа тема американскиот магазин „Политико“ пишува дека новата стратегија на НАТО е своевиден доказ што им се спротивставува на тврдењата на францускиот претседател Емануел Макрон дека Алијансата е мртва.
Весникот пишува дека стратегиската документација била изработена од видни експерти од сите земји-членки, а со големиот број препораки за идното дејствување се покажува дека тврдењата на Макрон не се точни.
Магазинот додава дека овој стратегиски документ би можел да биде прифатен и од администрацијата на новиот американски претседател Џо Бајден, бидејќи со него се докажува дека НАТО и без помошта на САД може да функционира во светот.

Воениот документ од македонска перспектива

Од македонска перспектива на случувањата, како најнова земја-членка на воениот сојуз, нашата држава многу внимателно го мониторира овој процес и ги следи заклучоците на оваа обемна безбедносна стратегија.
Илија Џугуманов од Евроатланскиот совет вели овие стратегиски документи што го имаат во себе испишано самиот принцип на трансформација во наредните години, во согласност со моменталните глобални предизвици, ја прават Алијансата да биде уште помоќна и постабилна во наредната декада.
– На самиот почеток морам да напоменам дека во фокусот на новиот концепт НАТО 2030 е политичкиот сегмент, а во таа насока претставува идеална можност да се докаже амбицијата на помалите членки во насока на искористување на можностите и наоѓање иновативни решенија – вели Џугуманов.
Тој вели дека спроведувањето на плановите на воената алијанса е многу битно за нашата држава, бидејќи во него се навестуваат правци на идно дејствување, преточени во зголемено армиско учество во меѓународни воени вежби и мисии и модернизација на капацитетот на нашата армија.
– Самата кризна состојба поради пандемијата на коронавирусот само ја покажа важната улога на армијата, која беше ангажирана во поддршка на здравството, полицијата и цивилните институции. Како членка на НАТО, но и самата регионалната соработка помогна за подобра национална и колективна подготвеност за успешно справување со самиот предизвик – вели Џугуманов.
Тој вели дека со концептот на колективна безбедност, нашата држава може да има обезбеден траен мир за македонските граѓани, а тоа е особено нагласено во новата стратегија.

Џугуманов додава дека со новата стратегија, Македонија може да се надева на помош и на учество во системи за навремени решенија во одбраната од сајбер-напади, како дел од услугите на Центарот за сајбер-безбедност на НАТО.
– Во споредба со минатото, на пример во 2018 година, ние немавме официјална стратегија за борба против хибридните и сајбер-заканите, а сега со самото членство, но и со новиот концепт, ќе се зголемуваат капацитетите на тимовите за борба со хибридните закани, како и справувањето со лажните вести и дезинформации, кои зедоа огромен замав во кризата и пандемијата на коронавирусот – вели тој.
Тој резимира дека ако се погледне целата содржина што ја носи овој битен стратегиски документ, ќе се заклучи дека, освен во воената тематика, тој има и многу поширока примена за земјите-членки, меѓу кои е и Македонија.


Пример од кој може многу да научиме

Најголемата воена алијанса во светот, НАТО, но и меѓународните организации со широк глобален импакт, одвреме-навреме ги публикуваат своите долгорочни планови по кои ќе дејствуваат во наредните декади. Најчесто се работи за долгорочно планирање од десет и повеќе години. Она што е впечатливо е дека во стратегиите и плановите на големите сојузи ништо не ѝ се препушта на случајноста.
За разлика од нив, се добива впечаток дека кај нас многу суштински прашања за државата се решаваат ад хок или се препуштени на текот на настаните.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски вели дека како да е традиција за сите влади досега, вклучувајќи ја и оваа влада, да важи правилото дека имаат план за да немаат план во работата.
Според аналитичарот, кај нас ваквите стратегиски определби какви што сега публикува НАТО се носат ад хок, без квантитативна или квалитативна анализа за решавање одреден проблем најчесто на кратки патеки.

Тој како доказ за оваа своја констатација го посочува примерот со неодамна објавениот четврти пакет за спас на економијата во пандемијата од Владата, кој откога беше публикуван во себе ги немаше решенијата за угостителите, па сега властите одново бараат решенија надвор од документот.
– Кај нас факт е дека луѓето што ги прават анализите на земјата на долги патеки немаат ниту професионално ниту искуствено знаење, па оттука и нашите стратегиски документи се само букви испишани на хартија, кои не се применуваат во практика, бидејќи во себе ги немаат предвидено можните ризици и сценарија како да излеземе од истите тие, како на пример во случајот со Бугарија – вели Пекевски.
Тој подвлекува дека стратегиските анализи од профилот на НАТО би требало да се пример на кој треба да се угледаат оние што ги изработуваат истите документи наменети само за нашата земја.

[email protected]