Наспроти најавите дека во периодот до октомври ќе се мобилизираат сите сили за да се испорачаат потребните реформи, на терен реално не се случува ништо, освен мегаскандалот именуван како „Рекет“, во кој засега само „се собираат докази“ за висока корупција
Наместо севкупна мобилизација за енергични реформи, заживување на инвестициите и економските проекти што реално ќе го подобрат животот на граѓаните, се соочивме со генератори на нова политичка криза, што дополнително ќе влијае земјава и во октомври да добие негативен одговор од Брисел за датумот за почеток на пристапните преговори со Унијата.
По студениот туш од Брисел во јуни, во периодот до октомври требаше да се мобилизираат сите сили да се испорачаат потребните реформи. Но сведоци сме дека на терен реален реформски исчекор не е направен, а мегаскандалот именуван како „Рекет“, каде што постојат силни индикатори за висока корупција, ја одзема енергијата на зафатите за планираните реформи.
И тука уште еднаш затаија државните органи, кои наместо да се мобилизираат во насока на брза институционална разврска на случајот „Рекет“, тие продолжија со редовните распореди за годишни одмори, вклучувајќи ја и главната обвинителка што го води овој предмет.
На одмор од почетокот на месецов се и пратениците во републичкото собрание, кое нема да работи до 27 август, за кога е закажана седница на која треба да се расправа за измените на Законот за јавно обвинителство, со што треба да се реши судбината на СЈО. На терен преговорите меѓу партиите за овој закон влегоа во ќор-сокак, така што неизвесно е дали до 27 август ќе има конкретен договор по ова прашање. Токму судбината на СЈО до скоро се споменуваше како еден од условите за доделување датум во октомври.
Ситуацијата дополнително се компликува по најавите на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека во периодот што следува нивните активности ќе бидат во насока на блокирање на институциите, а не ја отфрли можноста и од улични протести.
Нема активности ниту од Владата, иако премиерот сѐ уште стои на ставот за инвестициски бум во наредниот скорашен период. Активности за комуникација со јавноста на надлежните има на социјалните мрежи, на Фејсбук и на Твитер, каде што премиерот и некои министри најавуваат проекти.
– Проектирани се една милијарда во патишта, над една милијарда во железница, над една милијарда во енергетика – со ХЦ „Чебрен“, со далноводот кон Албанија и со гасоводот. Инвестираме и во нов клинички центар, во земјоделството и руралниот развој, во прочистителни станици за отпадна вода, регионални фабрики за собирање и обработка на отпад, канализациски и водоводни системи, училишта и градинки и други проекти за реалните потреби на сите граѓани – истакнува премиерот Заев во неодамнешната објава на Фејсбук.
Конкретно, од повеќето најавени мерки, единствено почна да функционира телефонската апликација „Мој ДДВ“, преку која потрошувачите со скенирање сметки ќе можат да повратат дел од парите платени по основа на ДДВ.
Кај дел од анкетираните граѓани сѐ повеќе зема замав скептичноста, особено во однос на најавите дека ќе се случат реформи и дека ќе се динамизираат странските инвестиции, како и дека земјава во октомври би можела да добие добри вести од Брисел.
– Милијарди се најавуваа и во минатото. За обичниот човек ќе биде само полошо, додека политичарите иако се караат пред камери, очигледно е дека приватно си тераат бизниси и си ги полнат џебовите – вели Ангел Трајановски, угостител.
Тој додава дека најдобар доказ дека ништо не се работи во државата е последната афера „Рекет“.
– Да се случуваше вакво нешто во Шведска, Норвешка или некој друга нормална европска држава, истрагата веќе ќе беше завршена. Кај нас сите си заминаа на одмор, па некој и да е виновен, ќе има доволно време да ги прикрие трагите. Не ми е јасно во една ваква ситуација, кога ништо не се работи, кој би ни дал датум во октомври – категоричен е Трајановски.
За жал, ниту политичките аналитичари не се големи оптимисти околу перспективите на државата на нејзиниот евроинтегративен пат.
– Немам оптимизам дека работите во државата скоро ќе се подобрат. Секојдневно гледаме какви бизарни работи се случуваат, а никому не му е гајле за народот. Секој ден се влегува од глупост во глупост, од дубиоза во дубиоза. Во една таква ситуација, не знам како воопшто да се надеваме на датум во октомври – смета дипломатот Драган Јањатов.
Тој додава дека чувствува резигнација од работите што се случуваат и дека во државата владее криза на политичкиот морал.
– Овој народ бара зрелост за својата држава. Сите се колнат во татковината, а сите ја уништуваат. Кај нас политиката стана бизнис, а бизнисот политика – нагласува Јањатов.
Додека деновите до октомври се ситнат, станува повеќе од јасно дека ветувањата за силен пораст на БДП, уште посилни стимулации за реалната економија, за земјоделството, бран отворање работни места итн., сѐ потешко би се оствариле, а доделувањето датум се чини сѐ подалечно. Се разбира дека сѐ уште не е доцна, но онаа народната изрека дека „никој повеќе на човека не може да му го загорчи животот отколку самиот себеси“ повторно е најслушана меѓу граѓаните.