Гласачките места во вториот круг од претседателските избори се отворени на време и не се забележани неправилности во досегашното спроведување на гласањето. Ова се информациите на набљудувачите и регионалните координатори на Граѓанската адоцијација МОСТ кои се распоредени на гласачките места.
Граѓанската асоцијација МОСТ, како што беше соопштено на денешната прва прес-конференција, го следи гласањето со повеќе од 1.500 набљудувачи. На 1.160 гласачки места, избрани според случаен и репрезентативен примерок, распоредени се исто толку набљудувачи, со што се покриени 33 отсто од вкупниот број гласачки места во Република Северна Македонија.
Набљудувачите на МОСТ се статични, и ќе го следат процесот на гласање во текот на целиот ден. Покрај тоа, МОСТ има распоредено и 100 мобилни тимови, составени од по двајца набљудувачи, кои ќе служат за логистичка поддршка на статичните набљудувачи и повремено ќе ги набљудуваат местата на кои МОСТ нема распоредено статични набљудувачи. Дополнително, 80 набљудувачи ќе ја набљудуваат работата на општинските изборни комисии, а ќе се набљудува и работата на Државната изборна комисија.
Потенцираа дека набљудувач на МОСТ е единствено оној граѓанин кој носи жолта маичка на која на предната лева страна стои логото на МОСТ и е испишано “Monitoring 2019“, поседува акредитација од ДИК и овластување од МОСТ исклучиво за вториот круг од изборите.
Исто така за медиумите изјава даде и портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, кој кажа дека Министерството за внатрешни работи функционира со полн капацитет и покрај сите важи ангажмани кои ги имаат деновиве, како што е „Скопскиот маратон“ кој се одвиваше вчера и доаѓањето во вторник на Папа Франциск.
-МВР работи со полн капацитет, досега не се евидентирани нерегуларности. Гласањето во вториот изборен круг се одвива непречено и мирно- рече портпаролот Ангеловски.
Во текот на денот, на бесплатната телефонска линија 080 080 080 граѓаните може да пријавуваат евентуални нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес.