Ако земји како Германија и Белгија, кои имаат добро организирани тимови за спасување, не успеаја да одговорат на природната непогода и настрадаа повеќе од 90 луѓе, се наметнува дилемата има ли Македонија капацитет да одговори на слични предизвици од ваков вид, со оглед на лошите искуства од пред неколку години
Поплавите низ Европа како предупредување
По катастрофалните поплави во Германија и во Белгија и најавите за невреме и во Македонија во следните денови, македонската јавност со право си го поставува прашањето колку навистина се подготвени надлежните служби да се справат со евентуални природни непогоди од поголем размер.
Потсетувајќи се на катастрофата од пред пет години, кога само за половина час поројниот дожд во август 2016 година предизвика незапаметени поплави во скопско Стајковци, во кои животот го загубија 23 лица, кај граѓаните и натаму останува сомнежот за подготвеноста на надлежните да се справат со нова евентуална природна катастрофа.
Во таа насока, за да предупредиме и алармираме, „Нова Македонија“ уште пред неколку дена, односно пред да се случи катастрофата во Германија и во Белгија, отиде на терен да направи увид на одводните канали во Скопско, но сликата што ја затекнавме е само потврда дека без оглед на големиот број жртви пред пет години, некои лекции и натаму остануваат ненаучени. Купишта земја и шут, стари ќебиња, вегетација и што ли уште не е нафрлано во одводните канали, така што дури и при многу помал дожд, тие нема да можат да ја одведат надојдената вода и повторно може да дојде до поплави.
Ако земји како Германија и Белгија, кои имаат добро организирани тимови за спасување, не успеаја да одговорат на природната непогода и смртно настрадаа повеќе од 90 луѓе, дел од нив и пожарникари и спасувачи, тогаш останува македонските граѓани да се молат на Господ да не се случи некаква катастрофа од поголеми размери, оти последиците, како што сега стојат работите, ќе бидат погубни.
Земјава има најмалку две државни тела, како Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, кои треба да одговорат во вакви ситуации, но досегашните искуства покажаа дека освен меѓусебното префрлање на одговорноста меѓу институциите, на терен во услови на несреќи и катастрофи не беше одговорено соодветно. Дополнителен проблем на кој се посочува со години е и немањето единствено тело што ќе се справува со вонредните ситуации, туку за да се донесе одлука за интервенција таа треба да помине низ неколку одобрувања.
Токму поради таквото префрлање на одговорноста, пред извесно време човек со претрпен мозочен удар остана со часови заглавен во планина и беше транспортиран на носила, оти надлежните не испратиле теренско возило, по што подоцна и почина. На почетокот на годината приватно лице од Кичево спаси болен маж завеан во селото Богдево, транспортирајќи го со својата моторна санка во болница.
Соочувајќи се секојдневно со вакви примери, граѓаните се прашуваат како надлежните во државата што се платени да помагаат во услови на природни катастрофи ќе одговорат на предизвиците.
– Приодните катастрофи нè опоменуваат дека треба да се зајакнува стратегиската национална рамка за намалување на ризиците од катастрофи, тесно поврзана и со меѓународна соработка за кризен менаџмент, зашто катастрофите не познаваат државни граници, но и со посебен акцент на локалните стратегии на општинско ниво – велат од Центарот за управување со кризи.
Според нив, при справувањето со природни катастрофи, први што интервенираат се општините, а ако обемот на катастрофата го надминува нивниот капацитет, тогаш се вклучува ЦУК.
– При справување со природни катастрофи, важно е локалните единици на самоуправа, општините во државата да имаат план, капацитети и финансии за справување со истите тие, за што се и законски обврзани, најмалку со членот 5 од Законот за управување со кризи, да ги предвидат и да ги имаат. Дисперзирањето на регионалните обврски, поточно на општинските, значи да се создадат услови секој да планира и да се оспособува со справување со кризната состојба, едноставно кажано, прво во сопствениот двор. Кога кризата ќе ги надмине можностите на општината, тогаш дејствувањето се профилира на друго ниво, односно начин на справување со кризата преку координирано дејствување со ресурсите коишто ги има во државата, прво во соседните општини, па потоа и во други. Тоа го координира ЦУК – појаснуваат од ЦУК.
Оттаму уште додаваат дека ако дојде до катастрофа од поголем калибар, во согласност со меѓународните договори, во функција на заштитата на интересите на државата во кризна состојба со одлука на Влада можат да учествуваат и меѓународни организации, институции и поединци.
– Познато е дека едно евро вложено во превенција од катастрофи заштедува седум евра при справување со катастрофи, а научените лекции, и добри и лоши, се патоказ за надградување на системот за управување со кризи – истакнуваат од ЦУК, при тоа додаваат дека тие се подготвени да координираат секаква акција доколку биде потребно.
Од Дирекцијата за заштита и спасување велат дека ја следат ситуацијата и веќе имаат формирано и тимови за интервенција при поплави.
– По сите најави во врска со можните временски непогоди што ги видовме од средствата за јавно информирање, ние презедовме низа активности за намалување на последиците доколку дојде до такво нешто. Имаме пратено екипа низ Скопје што ќе ги следи критичните места, а тоа ќе се следи и во наредните денови и низ повеќе делови од државата. Таму каде што ќе оцениме дека има најголема опасност и ризик, тоа ќе ни биде приоритет за дејствување – изјави Беким Максути, директор на Дирекцијата за заштита и спасување.
Тој додаде дека потпишал одлука за делумна мобилизација, односно за зголемување на подготвеноста на тимовите што ги имаат и што се формирани во различни региони од земјата.
Како и да е, принципот на префрлање на одговорноста од едно на друго тело и долгиот синџир при носење одлуки за интервенции не ветува вистински и навремен одговор на евентуална природна катастрофа. Како што сега се поставени работите кај нас, во кризниот момент првичниот одговор треба да го даде локалната власт, која во моментот повеќе се ангажира околу подготовките за локалните избори, наместо на превенирање кризни состојби што може да бидат предизвикани од евентуални природни непогоди. Во една таква ситуација, она што им преостанува на граѓаните е да се надеваат дека невремето што деновиве ја опустоши половина Европа, ќе ја одмине Македонија.