По неуспехот на референдумот во Македонија и изборите во БиХ се охрабрувам да кажам дека имаме потреба од посилна ЕУ во регионот. Потребно ни е нешто опипливо, не само поддршка, туку потребно ни е исполнување на ветувањата од Европа, рече српскиот претседател Александар Вучиќ на Белградскиот безбедносен форум.
На отворањето на форумот, Вучиќ заедно со австрискиот претседател Александер ван дер Белен, најголемиот дел од говорот на темата „Западен Балкан и ЕУ“ го посвети на состојбата во Македонија.
Вучиќ потсети на ветувањата за зачленувањето на Македонија во НАТО и во ЕУ.
– Ние ги слушаме тие приказни веќе 15 години и ништо се нема сменето во овој период во регионот. Ни треба нешто опипливо. Ни треба нешто што луѓето во Македонија ќе можат да го видат и да го почувствуваат. Мислам дека тука, во понудата, нешто недостигаше – оцени Вучиќ.
Тој констатира дека на целиот регион, како и на Србија, кога му се даваат ветувања од ЕУ, тие треба да бидат сигурни и мора да се исполнат. И граѓаните мора да го почувствуваат тоа.
Австрискиот претседател кажа дека регионот на Западен Балкан ќе биде приоритет на австриското претседавање со ЕУ, како и дека покрај проблемите во рамките на ЕУ и долготрајниот замор од проширувањето, тој гледа ентузијазам во тој поглед.
– Потребно е земјите од Западен Балкан и Србија и Македонија, да се вклучат во промените што се случуваат во Унијата и пред да станат членки – истакна Белен.
Тој оцени дека работите во регионот не се одвиваат онака како што се очекувало и притоа го спомена прашањето за името на Македонија.
– Во разговори со грчките амбасадори, мене една работа секогаш ме нервираше, а тоа е името на Македонија, она славно ФИРОМ, односно БЈРМ. Мене воопшто не ми е јасно за што станува збор тука и што е проблемот. Но, од друга страна, работите бараат време – изјави австрискиот претседател, наведувајќи го проблемот со Јужен Тирол, за кој, како што рече, беа потребни 80 години да се реши.