Фото: Игор Бансколиев

Речиси две децении во Македонија се практикува пропорционален изборен модел со шест изборни единици. Во меѓувреме, со години се јавуваат сериозни и аргументирани предлози од различни субјекти за потребата од промена на изборниот модел,
воведување една изборна единица и отворени листи, што би придонело за поголема изворна демократизација на државата. Последната ваква иницијатива беше пласирана неодамна од група пратеници од повеќе политички партии. Тргнувајќи од важноста и актуелноста на темата и за детално запознавање на јавноста со оваа проблематика, нашиот весник, потпирајќи се на научно фундирани докази, експертски анализи и искуствени практики, во неколку продолженија ќе ги претстави сите видови изборни системи и модели заедно со нивните карактеристики

Забелешките или препораките на ОБСЕ за потребата од измени на Изборниот законик, поттикнаа дванаесетмина пратеници од помалите парламентарни партии, кои се застапени во Собранието, главно како резултат на предизборни коалицирања, да иницираат еден вид јавна расправа за менување на изборниот модел. Тие упатија писмена иницијатива до трите поголеми парламентарни партии, како и до претседателот на Собранието, Талат Џафери, со која бараат да бидат вклучени во просецот на менување на Изборниот законик, а како првична и неопходна промена на која инсистираат е актуелната изборна територијална поделба со шест изборни единици да се замени со една изборна единица. Иницијативата на дванаесеттемина пратеници наиде на значителен интерес и кај други помали парламентарни и вонпарламентарни партии. Така, Демократскиот сојуз подготви и достави до Собранието предлог-закон за изменување на Изборниот законик и воведување една изборна единица, а шест вонпарламентарни партии (Глас за Македонија, Единствена Македонија, Левица, МААК, Подем, Работничка земјоделска партија, ТМРО и ФРОДЕМ) излегоа со заеднички став во кој изнесоа шест принципиелни барања во врска со Изборниот законик и условите за „фер и демократски“ избори. Од големите партии сѐ уште нема конкретни одгласи на овие иницијативи за менување на изборниот модел, освен дека принципиелно се подготвени за разгледување на предлозите. Сепак, принципиелно се поставува и прашањето зошто главно помалите партии се заинтересирани за спроведување избори во една изборна единица.

– Сметаме дека Македонија треба да биде една изборна единица. На тој начин составот на парламентот ќе биде реален одраз на волјата на граѓаните, ќе се зголеми одговорноста кај извршната власт, ќе се демонтира, условно кажано, еднопартискиот систем затоа што практиката во сите изминати години покажува дека лидерот на владејачката партија едновремено е и премиер, кој во суштина одлучува за сѐ во државата. Затоа имаме силна политизација наместо владеење на правото, наместо одговорни институции и поединци имаме целосно партизирана и исполитизирана како извршна, така законодавна, и судска власт. Две политички партии веќе 30 години се менуваат на власт, а државата и понатаму стагнира – вели Павле Трајанов од Демократски сојуз. Од оваа партија веќе доставија предлог-закон до Собранието за менување на Изборниот законик и воведување една изборна единица.

Лилјана Поповска од ДОМ е една од 12-те пратеници од повеќе партии, кои поведоа иницијатива за пропорционален модел со една изборна единица наместо сегашните шест.

– Со еден „пошарен“ парламент ќе дојдеме до подемократско општество и секоја партија ќе има еднакви можности на изборите. Колкава поддршка од граѓаните, толку места во Собранието, што значи дека нема да има изгубени гласови во шест изборни единици и нивно акумулирање кај големите партии, а граѓаните што гласале за партиите што не го минале прагот својот глас како да го фрлиле во бунар. За иницијативата досега начелна поддршка имаме од СДСМ. Остануваат ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. ДУИ десетина години застапуваше став за изборен модел со една изборна единица. Не знаеме зошто сега го смени. ВМРО-ДПМНЕ сега е за мнозински модел. И самите колеги оттаму знаат дека тоа не е реално. Тој модел е надминат и цела Европа го напушти како несоодветен. Не верувам дека ќе се оди кон тоа. Има поле за разговор – вели Поповска.

Првото барање на осумте вонпарламентарни парии, кои испратија соопштение со нивни заеднички ставови во врска со измената на Изборниот законик, е токму изборен модел со една изборна единица, без долен праг и отворени листи.

Од друга страна, во изборната практика на Македонија со 28 години плурализам, факт е дека 17 години (во повеќе парламентарни изборни циклуси, од 2002 година) се применува пропорционалниот модел со шест изборни единици. Претходно, изборите се спроведуваа со мнозински изборен модел и една изборна единица, а на изборите во 1998 година беше применета комбинација од мнозински и пропорционален изборен модел, исто во една изборна единица. Очигледно искуство укажува дека бројот на изборните единици, сам по себе не гарантира демократизација на изборниот процес, туку тоа се постигнува со комбинација на повеќе изборни компоненти, како: изборен праг, отворени или затворени листи или воведување на практиката преференцијални гласови.

– Шесте изборни единици во македонскиот изборен модел се воведени во 2002 година, кога всушност мнозинскиот модел се заменуваше со пропорционален. Притоа се сметаше дека 20 пратеници од една изборна единица ќе претставуваат соодветна застапеност на диверзитетот на политичките опции и на расположението на електоратот. На некој начин, тоа претставуваше и своевидно практично оперативно решение, за кандидатски листи со 20 кандидати. Мислам дека треба да се знае дека една изборна единица значи сите 120 кандидати од секоја политичка опција, што ќе одлучи да излезе на избори, да се најдат на едно изборно ливче. Отворените листи значат дека гласачот може да го промени редоследот на изборната листа – вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

Фото: Дарко Андоновски

Продолжува