Во чест на Блаже Конески: за иднината на Македонија

АНАЛИЗА НА АКАДЕМИК ЉУПЧО КОЦАРЕВ

За личноста и делото на Блаже Конески се изречени, изговорени голем број обраќања, беседи, говори, слова. Врвни мајстори на речта и добри познавачи на личноста и делото на Блаже Конески говореле за него. Не сум ниту врвен мајстор на речта, ниту добар познавач на Конески, па, така, она што денес го пишувам, се надевам, претставува скромен придонес во толкувањето на неговото творештво. Во ова обраќање ќе се обидам да посочам некои нови размисли за поетското творештво на Блаже Конески, потпирајќи се на тезата дека тоа ги интегрира митските и логичките дискурси.
Дали постои линија на разграничување помеѓу митските наративи и научните тврдења, е повторлива тема уште од антиката. Всушност, повеќето, ако не и сите, научни текстови би одговориле позитивно на ова прашање, повикувајќи се, на пример, на познатиот пасус на Платон каде што тој алудира на одредено несогласување помеѓу поезијата и филозофијата. Од друга страна, тие, притоа, забораваат дека Платон во одредени контексти користи митови (митос) за да постави аргументи што не би можеле да се достигнат со исклучиво користење логика (логос). Поточно, постојат други добро познати пасуси на Платон во кои линијата на разграничување е заматена. Ваквиот став на Платон по ова прашање се толкува како реакција на софистите.
Така, дали постои радикален антагонизам – дихотомија – помеѓу митосот и логосот? И, уште повеќе, дали треба да го сфатиме ова спротивставување претпоставувајќи прогресија од митот кон разумот, од нелогичното кон логичното, од несвесното кон свесното? Последниве две децении голем број истражувачи на класичните студии повторно го разгледаа прашањето за дихотомијата на митосот и логосот, критички навраќајќи се на поедноставеното сфаќање на победата на разумот над митот, логосот над митосот. Термините „митос“ и „логос“ се користат за да се опише преминот во античката мисла од приказни за богови, божици и херои (митос) кон постепен развој на рационалната филозофија и логика (логос). Тука би сакал да ги спомнам истражувањата во шеесеттите години од минатиот век (види Vernant, Jean Pierre (1983) (org. 1965), Myth and Thought among the Greeks. MIT Press), според кои митските наративи покажуваат своја логика, поседуваат форма на размисла, којашто е исто толку ригорозна и детално разработена како и рационалните размислувања.

Но контрастот митос / логос е тесно поврзан со критичките истражувања во историјата и во филозофијата на општите сфаќања на „митот“ и „разумот“ во западната традиција. Прашањата за причините и последиците на истражувањата, во последните две децении, поврзани со повторното испитување на односот меѓу митосот и логосот, ќе оставиме да бидат одговорени на друго место или од други мислители. Тука ќе укажам дека за некои автори (на пример, Robert L. Fowler (2011). Mythos and logos. The Journal of Hellenic Studies, 131, pp 45-66) митот е делумно спасен во XXI век, додека други автори (види Buxton, Richard (ed.) (1999), From Myth to Reason? Studies in the Development of Greek Thought. Oxford, Oxford University Press) посочуваат дека „стигнавме до точка каде што не само што ‘грчкото достигнување’ има повеќе елементи на оптичка илузија (фатаморгана) отколку на чудо, туку каде што всушност останавме без вокабулар за опишување на настаните за кои некогаш сметавме дека се тоа достигнување.“ Поезијата на Блаже Конески ги интегрира двата пристапа, и митските наративи и научните осознавања. Би сакал, сепак, да укажам дека, и покрај неговото грчко име, митот не е автохтона категорија и дека заедно со логосот (во смисла на „логичко резонирање“) се поими на модерна западна антрополошка мисла. Анализата на античките текстови покажува дека митосот и логосот се многу повеќе поврзани и измешани едни со други отколку што филозофите од периодот на просветителство би сакале да го признаат тоа. Така, во песните на Блаже Конески, тоа поврзување, мешање, испреплетување доведува до водење игра/борба, по зборовите на Старделов, „меѓу љубовта и смртта; меѓу Еросот и Танатосот; меѓу летот и падот, меѓу восторгот и поразот, меѓу неимоверната сила и одземањето на силата, меѓу љубовта и изневерата, меѓу бистрата и матната река на живеењето, меѓу надземните луњи и молњи и подземните стерни на животот, што рикаат бол и ригаат смрт“. Во поетските исповеди на филологот, лингвист, научник Блаже Конески „треперат тајните и многузначни слики што ги создава зборот со кого никој во македонската литература не владее толку суверено, зборот што кај него ги добива вистинското место, смисла и значење“ (Матеја Матевски). Поетот Блаже Конески го опишува творештвото како мистично доживување и вели: „јас песната заправо не ја пишувам, ами ја откривам“.

И дообјаснува: „легендите, што подоцна ќе најдат обработка и во некои мои текстови, јас не сум ги запознал од книги, ами сум ги слушал од старите во својата селска куќа, во првото детство“, потенцирајќи дека: „уште оттогаш преминала во мене Стерна, страшната подземна вода“.
Но митските наративи во поезијата на Блаже Конески имаат и друга димензија. Неговите песни инспирирани од народното творештво, легендите, митовите, претходната усна и/или писмена поетска традиција, недвојбено, според мене, укажуваат на тоа дека Конески трепери за судбината на Македонија, се плаши за митската предодреденост на Македонците, се прашува дали боговите им се наклонети на Македонците. Или, со стиховите од песната „Спомен по многу години“: „Имав можеби неполни дваесет години / кога напишав: / така рикаше маката во мене / дека сум роден во смачкано племе.“ Дали боговите одамна одредиле дека Македонците се „смачканото племе“? Дали е тоа сменето по многу години? По многу години, поетот зборот „така“ го менува со зборот „уште“: „уште рикаше маката во мене / дека сум роден во смачкано племе.“ Блаже Конески завршува со: „Но сепак, се надевам, дека не е туку така / што сум бил подложен на таков искус / и на таква една мака“.
Во „Послание“, Конески се прашува: „Зар можело без тоа до зрелоста?“, зар можело без мака до зрелоста? Денес, за жал, ние сме уште далеку од зрелоста, а маката за која зборува Блаже Конески е присутна исклучиво поради штетните договори со нашите соседи. Но тоа не е ништо во споредба со рамковната позиција на република Бугарија, услов за влез во ЕУ, позиција којашто само наивните и неуките може да поверуваат дека некогаш ќе се смени. Таа позиција, дефинирајќи го точниот датум (во моментов 1945 година) на создавање на македонскиот идентитет и македонскиот јазик, всушност, го задава завршниот удар на македонскиот опстој. Така, отстапките што се заговараат (но и со кои нѐ плашат) заради ЕУ-иднината на македонската држава (почнување на преговорите со ЕУ), парадоксално, ќе бидат погубни токму за иднината на Македонија и ќе значат нејзино исчезнување. Или, парафразирајќи го Живко Чинго, во дваесет и првиот век ќе „догори оганчето, крај“.

Македонскиот идентитет и македонскиот јазик постојат со векови, не од 1945 година, не од 1903 година, дури не од 1020 година. Во 2020 година прославивме 1.000 години опстојување на македонското древно светилиште Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“. Еден милениум, десет века, илјада години македонски опстој, вдахновение, светост, светлина, традиција. Дали има излез од состојбата во која се наоѓаме денес? Да. Иако патот ќе биде мачен, ние немаме друг избор. Што мислите, што е излезот? Притоа, за нашата иднина, секогаш треба да помниме дека „Блаже никогаш не ќе е минато!“