Повикувајќи се на ексклузивната вест што ја лансира американскиот весник „Волстрит журнал“ за најавата на унгарскиот премиер Виктор Орбан за истапување од НАТО и прогласување воена неутралност, опишува еден скорашен настан во високите кругови во Будимпешта. Имено, весникот пишува дека кон крајот на минатата година, кога кај унгарскиот премиер лично отишол американскиот амбасадор во Будимпешта, тој извршил притисок („Волстрит журнал“ буквално го користи изразот „притисок“) за „намалување на влијанието на Москва и на Пекинг во Европа“, како и за засилување на поткрепата на Украина во нејзиното натамошно спротивставување на Русија. Одговорот на унгарскиот премиер бил негативен, со целосно отфрлање на овие идеи.
Аргументите на Орбан биле дека е точно дека Унгарија е сојузничка во НАТО што испраќа свои војници каде што треба (вклучувајќи и во зоната на Балтикот, „под носот“ на Русија), но, сепак, Унгарија „не сака да ги расипува односите со Русија и со Кина, по налог на Вашингтон“. Орбан истакнал дека тој сака да ги одржува бизнисите со Москва и да учествува во европските проекти на Кина. Затоа, тој директно му одговорил на американскиот амбасадор, велејќи дека својата земја на надворешнополитички план ќе ја направи „неутрална, како Австрија“. Покрај тоа, заради намалувањето на можноста унгарското национално малцинство во Украина (во Заткарпатието) да се школува на унгарски јазик, унгарскиот премиер се спротивставил и на преговорите НАТО – Украина на министерско ниво.
Ваквиот дијалог одекнал со силно ехо кај земјите-сојузнички во НАТО, на сите нивоа. Во таков контекст биле и зборовите на шпанскиот министер за надворешни работи Алфонс Дастис, искажани деновиве на приемот на шпанските дипломати кај нивниот крал Филип Шести, дека во тек е „трансатлантски развод“.
Имено, поаѓајќи од конкретниот случај, мноштво политички и воени аналитичари коментираат дека американската администрација на надворешен план „заиграла остро, како никогаш досега“. Аналитичарот и главен уредник на „Геополитика“, Зоран Метер, истакнува дека слободно може да се каже дека Вашингтон веќе тргна на сѐ или ништо во обидот да ја зачува својата глобална доминација. Во таа „игра“ деновиве е вклучена и Венецуела.
Но многу битно, ако не и есенцијално, е дека во целата таа „глобална борба на слоновите“ никој не обрнува внимание дека на гилотина е ставено меѓународното право, а жртви се државите во развој, не само во Азија, Африка или Јужна Америка туку и нам многу познати на Стариот Континент, односно на Балканот. Сакале да признаеме или не, повторно се актуализира старата изрека дека „сила бога не моли“. Одново, сѐ почнува да се сведува на аргументите на сила, а не силината на аргументите на правото и правдата.
Сега, во рамките на гореспоменатиот случај, интересно ќе биде да се чека американскиот одговор кон Орбан и Унгарија. Не затоа што тој како премиер стана уште попознат во нашата јавност по инволвираноста во случајот „Груевски“, ни затоа што ѝ остана должен на јавноста за одговор во врска со тоа, ниту пак затоа што никој од „големите“, држејќи се до меѓународното право, не презеде ништо. Сега ситуацијата е мошне различна. Не е во игра една мала земја, како нашата, туку една голема сила. Сега ракавицата е фрлена во лице на една светска сила. Каков одговор сега подготвуваат САД за Орбан и за Унгарија, кога не се задоволни со нивниот став? Одговорот сигурно нема да биде обелоденет јавно. Аналитичарот од „Геополитика“ тврди дека од одговорот на САД кон Орбан и Унгарија не треба да се исклучи ниту обидот за внатрешна дестабилизација (!?).
-Па, Орбан го избрка истиот тој Сорос (кој сега „дува“ во Трамповата противкинеска труба), со што се замери и со либералите во Брисел и во Европската Унија во целост. Од една страна, и Брисел со задоволство би се решил од незгодниот „самостоен играч“, кој не игра по нивни правила, но, од друга страна, ваквиот истап на Орбан против американските тежнеења за радикализација на состојбите на европска почва, со дополнително кревање на тензиите против Русија и Кина, на Брисел многу му одговара – вели аналитичарот Метер.
Сепак, тој истакнува дека на европските политичари не им се војува, а нивните историски сеќавања за трагичните настани на Стариот Континент сѐ уште се многу живи. Ваквата ситуација за Вашингтон е уште понезгодна, бидејќи Унгарија е важна членка на Вишеградската група држави, преку која тој настојува да ги преслика своите интереси во рамките на ЕУ, пред сѐ во нејзиното „старо“ – западно крило.
Интересно е дека идниот месец состанокот на Вишеградската група ќе се одржи првпат надвор од нивната територија, па дури и надвор од Европа – во Израел! Во онаа иста држава што силно ја поддржува нивната организација, а истовремено силно ја критикува политиката на ЕУ во однос на себе и на палестинското прашање. Освен тоа, Израел веќе подолго време ја критикува ЕУ поради јакнењето на антисемитизмот, но интересно е дека за таква појава, која е уште поизразена отколку во самата ЕУ, не ја критикува и една Украина. Значи, византиските игри продолжуваат.
Државниците, во секоја земја посебно, во сето ова мора да најдат мудрост и храброст и да знаат да се заземат првенствено за своите национални интереси, а дури потоа за оние заедничките. Зашто сите работат така. Веројатно е дека и ние би требало така да сработиме!
Во таа смисла, за крај би ги цитирале зборовите на шпанскиот крал Филип Шести, искажани пред дипломатите на неговата земја: „Не плашете се од тешкотиите, бидете строги и верни на своите задачи, трезвени во успесите. Секогаш имајте на ум дека државата – тоа е сѐ!“. М.В.