Прашањето за името, интеграција на Македонија во ЕУ и во НАТО и понатаму остануваат во фокусот на политичарите, но и на меѓународната заедница. Во пресрет на неофицијалните најави за новата рунда овој пат тајни преговори, закажани за в среда на 25 април повторно во Виена, меѓу шефовите на дипломатите на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас со посредникот Метју Нимиц, не стивнуваат реакциите како во домашната така и во грчката јавност. Според пишувањата на грчкиот информативен портал ИН, новата средба се планира под голема тајност, но медиумот, оваа средба, која ниту официјално е потврдена, ниту пак се демантира, индиректно ја поврзува со последната изјава на Коѕијас дека не може да се постигне договор за името до почетокот на самитот на НАТО, кој треба да се одржи во јули.
Во меѓувреме премиерот Зоран Заев во интервју за „Франс прес“ викендов посочи дека Македонија и Грција никогаш не биле поблиску до наоѓање решение за долгогодишниот спор за името, но и процесот да не заврши успешно нема да биде крајот на светот.
– Верувам дека никогаш не сме имале подобри околности за постигнување целосно решение, кое ќе трае со векови, засекогаш. А ако спорот не се реши, нема да биде крај на светот – изјави Заев.
Тој додава дека Македонија ќе ја продолжи европската програма на овој или оној начин и дека „ќе ја донесеме Европа во Скопје“. Македонскиот премиер понатаму во интервјуто за странскиот медиум изјави и дека е задоволен што „голем дел од прашањата“ меѓу Македонија и Грција се решени, дека е оптимист за финалното решение, но одби да открие детали од преговорите, бидејќи „тоа може да го уништи целиот процес“. Заев како „порака за отворени врати“ го гледа извештајот на Европската комисија, но додаде дека тоа не значи дека Македонија не треба да ги подобрува односите со другите земји, вклучувајќи ја и Русија.
– Сакам да ја подобриме соработката со Русија. Но Русија треба да знае дека за нас нема алтернатива за НАТО и ЕУ. Ние ќе останеме фокусирани на тој пат. Тоа е наше апсолутно право, наше очекување и таму ја гледаме иднината на земјата и на нејзините граѓани – вели Заев за „Франс прес“.
Паралелно на ова, вчера во неделното интервју на РСЕ полскиот амбасадор во Македонија, Јацек Мултановски вели дека сѐ уште има место за земјите од Западен Балкан во ЕУ и тој процес не треба да биде запрен. Прашан колку ризиците од засиленото руско влијание на Балканот придонесуваат ЕУ и САД повеќе да се заинтересираат за решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција, Мултановски вели дека Русија врши многу агресивна политика кон Западот и нејзините обиди се со намера за промена на меѓународниот поредок, не земајќи ги предвид меѓународните обврски.
– Истовремено, сакам да истакнам дека ние како земја-членка на ЕУ и на НАТО сакаме да имаме прагматични односи со Русија, да имаме дијалог, но истовремено да го почитуваме меѓународното право. Она што се случува сега во насока на односите меѓу Република Македонија и Грција, исклучително е важно како тие ќе се развиваат за идната стабилност на земјата и на регионот. Разбирам дека не сите земји-членки на НАТО се заинтересирани да кажат Македонија и направени се некакви обиди за запирање на овој процес, но оваа можност, која можеме да ја видиме во моментов за решавање на прашањето за името, е важна, а ЕУ и НАТО треба тоа да го искористат – посочува Мултановски.
Запрашан дали членството во НАТО е гаранција за отстранување на безбедносните закани, Мултановски додава дека одговорот е многу едноставен. – Ние сметаме на НАТО, Полска е земја-членка на НАТО, која во моментов издвојува два процента од БДП за буџетот за одбрана. Силите на НАТО остануваат во Полска и ние НАТО го сметаме за гарант на нашата стабилност и безбедност. Во оваа насока сакам да ја истакнам важноста на САД како важна членка на семејството – заклучува Мултановски.
Од друга страна, во меѓувреме претседателот на грчкиот парламент Никос Вуцис смета дека заемно прифатливо решение за името, заведено во Уставот и за севкупна употреба, е во интерес на Грција.
– Во интерес на нашата земја е да се реши прашањето врз база на заедничко и заемно прифатено решение за севкупна употреба, со уставна регистрација на името и со еден широк договор што ќе потврдува, ќе гарантира и ќе охрабрува една нова ера во односите на народите, не само во економијата, туку и во сите прашања што ги засегаат – изјави неодамна Никос Вуцис, претседател на парламентот на Грција. Вуцис е убеден дека доколку решението е во рамките на грчките позиции, тогаш ќе биде поддржано од мнозинството политички сили во грчкиот парламент.
Инаку од македонската влада засега единствено потврдија дека до крајот на месецов треба да има нова средба меѓу Димитров и Коѕијас, но точниот датум сѐ уште не е утврден. За потсетување, до почетокот на самиот на НАТО, Димитров и Коѕијас, според најавите, треба да се сретнат на регионалната конференција што ќе се одржи во Солун на 3 и на 4 мај, а една недела подоцна, на 11 и на 12 мај и во Сунио, место во близината на Атина, каде што ќе се одржи конференцијата за иднината на Европа, на која домаќин е Грција.
Ван Ромпој: Без влез во ЕУ можна е граѓанска војна на територија на поранешна Југославија
Поранешниот претседател на Европскиот совет, Херман ван Ромпој во емисија на Франс 24 предупреди дека се можни немири во регионот од поранешна Југославија без интеграција во ЕУ.
Ван Ромпој, инаку поранешен премиер на Белгија и претходник на Доналд Туск во Европскиот совет, во интервју за француската телевизија беше прашан за отпорот на западните земји-членки кон проширувањето и препораката на Европската комисија да се отворат преговори за членство со Македонија и со Албанија.
– Одамна се зборува за замор, но, знаете, станува збор за мирот на Западен Балкан. Европската Унија е мировен проект и доколку земјите од поранешна Југославија не станат дел од европското семејство, на еден или на друг начин, некои како членки, а други преку придружни договори, тогаш граѓанска војна може повторно да избие во тие земји – одговори Ван Ромпој.