Според првичните резултати за вториот круг
Државната изборна комисија (ДИК) ги објави првичните резултати според кои во вториот круг ВМРО-ДПМНЕ освои градоначалнички места во 20 општини, СДСМ и ДУИ во по седум, Алијанса за Албанците-Алтернатива и Беса по две, и по едно градоначалничко место имаат освоено ДПА, ГРОМ и Коалицијата ЛДП-ДОМ.
Во вториот круг победија и независната кандидатка за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, независниот кандидат Максим Димитриевски во Куманово и независниот кандидат во Дебарца, Зоран Ногачески.
– Како што кажав, првиот круг ќе биде малку потешко, затоа што не е извежбано, меѓутоа вториот круг помина речиси 100 проценти успешно и понатаму очекуваме усовршување на овој процес. Беше битно да се почне, секогаш има детски болести, меѓутоа ако не почнеме ќе може да заостанеме во целокупниот развој, а се работи за прилично важна категорија за развој на демократијата – изјави Даштевски, заблагодарувајќи се на членовите и вработените во ДИК, како и на политичките партии, медиумите, печатницата, компанијата што ја изработи апликацијата.
Конечните резултати, како што најави Даштевски, ДИК ќе ги објави во текот на денешниот ден. Тој ги оцени како успешни изборите на кои за првпат беа употребени апарати за отпечаток од прст.