Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе предлог-закон за поврат на парични средства потрошени за имунизација против коронавирусот во Србија, по скратена постапка.
Како што појасни Дафина Стојаноска, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, овој предлог-закон ги уредува начинот и условите за остварување на право на поврат на средства за реални трошоци направени во Србија.
– Според податоците објавени од српските власти само во март во Србија се вакцинирале околу 15.000 македонски граѓани. Бесплатната вакцинација за македонските граѓани продолжи и во јуни и сè уште трае, а според податоците овие бројки до денес се зголемени за двојно повеќе па податоците покажуваат дека во Република Србија до половината на месец јуни се вакцинирале повеќе од 30.000 македонски граѓани – рече Стојаноска.
Со оглед на тоа дека според Уставот е загарантирано правото на здравствена заштита и граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите, додаде таа, Владата беше должна процесот на имунизација да го почне многу порано.
Според Стојаноска, има и група на граѓани коишто се вакцинирале и во други соседни земји и тие граѓани преку амандмански интервенции во законот ќе бидат опфатени во повратот на средствата за имунизација.
Таа ги повика пратениците од парламентарното мнозинство и од останатите опозициски партии да дадат поддршка на овој закон.