ВМРО-ДПМНЕ продолжува да изнесува обвинувања, тврдејќи дека полицајци договарале малтретирање на граѓани за изборната кампања, наспроти категоричното отфрлање на ваквите тврдења од страна на Министерството за внатрешни работи (МВР).
Опозициската партија денес објави наводни докази според кои група составена од над 40 полицајци правела црни списоци на автомобили кои морале да бидат отстранети од сообраќај, организирала физичко следење на неистомисленици и правела списоци за гласање за СДСМ. Вчера слични обвинувања изнесе и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, а партијата објави и дел од лицата за кои тврди дека има информации оти се членови на групата. На ваквите обвинувања реагираше МВР.
– Категорично ги отфрламе како невистинити сите обвинувања за наводно ‘координирано следење, малтретирање и селективно попречување на слободата на луѓе’. Во јавноста не е изнесен ниту еден доказ ниту дека тоа се договарало, ниту дека МВР на било кој начин е дел од таква наводна операција, ниту пак дека тоа реално се случувало – соопшти МВР.
ВМРО-ДПМНЕ тврди дека групата од над четириесетина полицајци се координирала на апликацијата вибер, додека од МВР велат дека не постои таква вибер-група и оти активностите на МВР не се координираат преку вибер-групи.
– МВР веднаш започнува внатрешна истрага за утврдување на фактите, имајќи предвид дека вибер-групи или графички прикази од вибер-групи може да се креираат и изработат во секое време и од секого – се наведува во соопштението.
МВР нагласи дека категорично ги отфрла, како што се вели, невистините кои втор ден по ред ги шири партијата ВМРО-ДПМНЕ за наводно координирано следење, малтретирање и селективно попречување на слободата на луѓе.
– Повторуваме дека во јавноста не е изнесен ниту еден доказ ниту дека тоа се договарало, ниту дека МВР на било кој начин е дел од таква наводна операција, ниту пак дека тоа реално се случувало – наведува МВР.