ВМРО-ДПМНЕ донесе заклучок дека од овој момент ги замрзнува односите и комуникацијата со претседателот Стево Пендаровски и ќе ги преиспита политиките во однос на неговиот кабинет. Ова го изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по средбата со претседателот.
Мицкоски го повтори партискиот став дека мандатот на Заев бил доделен неуставно, бидејќи тој нема докажано мнозинство.
– После час и половина дискусија со Пендаровски, заклучивме заеднички дека Заев изразил уверување дека ќе работи на создавање на парламентарно мнозинство. Пендаровски претходно рече дека ќе додели мандат кога ќе добие уверување за парламентарно мнозиснтво, а не да добие уверување дека ќе работат на обезбедување на мнозинство – вели Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во изјавата посочи и дека Пендаровски претходно ветил оти ќе ги свика на средба политичките лидери, но тоа не се случило. Исто така, како што изјави Мицкоски, Пендаровски рекол и дека нема да даде мандат на лица што имаат афери, но денеска сето тоа го побил.
Мицкоски го обвини Пендаровски дека ја злоупотребил функцијата претседател на државата. Рече дека институциите се заробени за личен партиски интерес, на сметка на граѓаните.