Воислав Ристовски

Поранешниот потпретседател на политичката партија ИНТЕГРА, Воислав Зафировски заедно со дел од досегашни структури на политичката партија ИНТЕГРА влегува во опозициската ВМРО-ДПМНЕ, како што беше најавено на денешната прес-конференција.

Тој рече дека од ИНТЕГРА во ВМРО-ДПМНЕ преминуваат и меѓународниот секретар на партијата, носителот на изборната листа од петтата изборна единица, координаторот на шестата изборна единица, како и други носители на различни функции во рамки на претседателството, но и лидерските тимови на ИНТЕГРА. Покрај членовите на претседателството, вели Зафировски, во ВМРО-ДПМНЕ преминуваат поголемиот број претседатели и членови во општинските комитети на ИНТЕГРА во Карпош, Центар, Велес, Битола, Ресен, Демир Хисар, Штип, Новаци, Могила, а најава има и од поголем број други општински комитети.

Од партијата ИНТЕГРА, пак, претходно соопштија дека нема преминување на раководството, бидејќи тоа било разрешено и оти партијата функционира монолитно. Од ИНТЕГРА истакнаа дека Зафировски бил разрешен минатиот месец поради преминат праг на морална грешка, но Зафировски негира и тврди дека вистинската причина за разрешувањето била негова колумна во која се препознал претседателот на партијата, Љупчо Ристовски. Зафировски наведе и дека разрешувањето се случило на седница за која тој лично не бил информиран. Го обвини Ристовски дека на изборите одработил за актуелната власт.

– Деспотскиот однос на лидерот на ИНТЕГРА, Љупчо Ристовски и неговата фикција дека тој е пророк и месија пратен од Бога и ќе ја спасува Македонија на посебен начин ги сруши принципите за кои заеднички се боревме. Ја претвори партијата во трговско друштво и секта каде самиот тој е партијата – рече Зафировски.

На прес-конференцијата се обрати и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ со дел од раководството на политичката партија ИНТЕГРА, изминатите недели биле во интензивна комуникација, пришто имале плодни разговори и пронашле заеднички ставови на теми кои ги засегаат граѓаните.

Мицкоски најави дека деновиве ќе следи процес на окрупнување на опозицискиот фронт со групации, здруженија на граѓани, политички партии и поединци.


Интегра контра ВМРО-ДПМНЕ: Никакви раководни структури не преминуваат во опозициската партија

Политичката партија Интегра ја демантира најавата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека раководни структури од Интегра преминуваат во нивните редови.

– Никакви раководни структури не преминуваат во ДПМНЕ, тоа е болна желба во умовите на удбашките структури кај нив. По изборите е спроведена идеолошка диференцијација во тимовите, минатиот месец со едногласна одлука на Претседателството разрешен е Воислав Зафировски од сите раководни позиции во партијата поради преминат праг на морална грешка, а во меѓусебен договор двајца носители на листа си поднесоа оставка. Сите други им беше оставено време и демократска можност да одлучат дали ќе продолжат на патот на самостоен настап на ИНТЕГРА во периодот пред нас или ќе се повлечат од понатамошни активности во партијата. ИНТЕГРА беше под специјална војна на одметнати удбашки структури за време на изборите, а која не застана и потоа. Беа спроведени три операции „Понтиј Пилат“, „Понтонски мост“ и „Ашовиот експеримент“, а со цел да се стави под контрола лидерот Љупчо Ристовски и партијата да премине и продолжи приклонета, да одработува за „туѓи бели дворови“ – велат од партијата.

Како што додаваат, ВМРО-ДПМНЕ во својата немоќ да се поврати од пропаста, прибегнува кон подли методи на клиентелистички поткуп, уцени и закани кон лидерството на ИНТЕГРА, свесни дека како партија и идеологија го губат тлото под нозете и дека ИНТЕГРА го презема приматот во опозицијата врз македонските национални интереси.

– Лидерството на ИНТЕГРА е монолитно, единствено, сплотено и поревносно од било кога во намерите да го задржи независниот стратегиски правец на политичката сцена и да ја продожи борбата против црно-белата погубна политичка карта во Македонија – наведуваат од партијата.