ВМРО-ДПМНЕ бара итна лидерска средба, уште утре, на која премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров во присуство на претседателот на државата Ѓорѓе Иванов би ги соопштиле деталите и насоките по кои се движат разговорите за името.
Како што соопшти денеска на прес-конференција генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев, поради ваквото барање партискиот лидер Христијан Мицкоски ги прекинува својата работна посета на Италија и средбите со македонската дијаспора.
– Мицкоски е веќе на пат за Македонија. Потребни се одлуки. Бараме итна лидерска средба која би се случила уште во текот на утрешниот ден, истакна Јанушев.
Тој посочи дека Зоран Заев, иако е премиер, го нема монополот да одлучува за ова најважно прашање, а евентуалниот договор да биде ставање на целата држава пред свршен чин.
– Премиерот Заев и Владата во континуитет демонстрираат дисонтантни тонови во однос на преговорите за името. Тие на почетокот имаа ставови за непромена на Уставот и задолжително одржување референдум, но во периодот кој измина гледаме како овие ставови не само што бледеат, туку и се напуштаат, посочи генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ.
Евентуалното постигнување договор меѓу Македонија и Грција за ВМРО-ДПМНЕ би било чин на заеднички компромис што подразбира и грчката страна да отстапи од некои свои позиции и барања.
– Единствените информации што ги има ВМРО-ДПМНЕ од Владата се оние од лидерската средба во јануари годинава и билатералната јавна средба меѓу лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во почетокот на март. Од тогаш до денес, ВМРО-ДПМНЕ не е запознаена со аспектите, ниту со новите детали од разговорите. Имаме дипломатија која се движи по линија на егзибиционизам. Остануваат само позитивните тонови и изјави на Заев, а според неофицијалните информации работите во реалноста се движат во непосакуван правец, нагласи Јанушев.