Владата на Република Македонија им честита на сите граѓани и на сите пратеници за преземената одговорност со која, потенцираат, на земјата и се отвораат вратите за НАТО и ЕУ.
-Граѓаните на Република Македонија, преку нивните претставници во Собранието, вечерва, со прифаќањето на уставните измени, напишаа ново, историско поглавје на нашата државност. Тоа е чин кој оддава државничка одговорност и силен патриотизам зашто ги прави апсолутно остварливи двата најголеми државни интереси – членството во НАТО и ЕУ. Пратениците, имајќи го предвид врвниот интерес на граѓаните, гласаа за договор кој овозможува меѓународно интегрирање и признавање на нашата земја како суверена држава, со целосно потврдување на идентитетските посебности на Македонците и на сите граѓани на земјата, порачуваат од Владата.
Остварувањето на овие придобивки, нагласуваат, дојде преку прецизирање на името на нашата држава со географската одредница – Република Северна Македонија.
-При тоа, македонскиот јазик ќе биде меѓународно признат во сите сојузи. Нашата химна, нашето знаме – остануваат исти и заштитени. Нашето државјанство ќе биде македонско/граѓани на Република Северна Македонија. Денеска отворивме нова, светла перспективна иднина за сите граѓани на нашата земја, за доброто на нашите деца. За мирна, безбедна земја, каде што Македонците, Албанците, Турците, Власите, Србите, Ромите, Бошњаците и сите други етнички заедници ќе живеат подобар и просперитетен живот, посочуваат од Владата.
Владата на Република Македонија, потенцираат, изразува благодарност до сите граѓани и до сите поддржувачи и партнери на земјата, за големата и значајна поддршка низ целиот процес на прифаќање на Договорот од Преспа, со кој се обезбедува иднината на државата како рамноправна членка на НАТО и ЕУ.