Владата на денешната осма седница го утврди предлогот за изменување и дополнување на буџетот за 2020 година, и донесе заклучок да го достави на усвојување до Собранието.
Согласно финансиските показатели проекциите покажуваат дека дефицитот во буџетот ќе изнесува 8,4 отсто заради растот на расходната страна во која со најголем процент учествуваат мерките за ублажување на економските последици предизвикани од пандемијата со ковид-19. Приходната страна на буџетот останува непроменета, а очекуваниот дефицит ќе се покрие со задолжување на домашниот пазар. Со ребалансот не се предвидени никакви импликации во однос на социјалните трансфери и пензии и тие ќе се исплаќаат редовно.
Сите мерки од пакетите 1,2,3 и 4 за поддршка на економијата и граѓаните во услови на здравствено-економска криза ќе се реализираат согласно плановите до крајот на годината за ликвидност на економијата преку ликвидност на компаниите, и за зголемување на јавната потрошувачка.
Со дополнително кратење на непродуктивни трошоци и со реалокација на средствата во буџетот ќе се задржи исполнувањето на обврските како што се редовната исплата на доспеаните долгови и субвенции, особено во програмите за рурален развој, за образование, за заштита на животната средина и други еколошки проекти, како и за реализација на капиталните проекти.
На денешната седница, на предлог на Министерството за финансии утврден е предлог- законот за изменување и дополнување на законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица.
Со измената и дополнувањето на законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица за време на вонредна состојба (објавен во „Службен весник“ бр. 133 од 28.6.2019 година) се создава можност физичките лица кои се пријавени и се корисници на апликативниот софтвер на Управата за јавни приходи преку која се пријавуваат фискалните сметки, со цел враќање на ДДВ-то за фискалните сметки издадени на 10, 11 и 12 октомври да им се врати целиот износ на данокот на додадена вредност.
Заради поттикнување на прометот на домашни производи и услуги како заради зголемена дигитализација на нашето општество враќањето на целиот износ на ДДВ-то ќе се однесува за прометот на домашни производи и услуги како и за компјутерска опрема кој не надминува 30.000 денари по лице за сите фискални сметки издадени на 10,11 и 12 октомври 2020 година.
На оваа своја седница Владата ги усвои заклучоците од состанокот на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, одржан на 4.10.2020 година, со предлог-мерки за спречување од ширење на коронавирусот.
Во насока на намалување на ризикот од појава и ширење на ковид-19, Владата ги прифати ги препорача следите рестриктивни мерки на Комисијата:
• Не е дозволено гостување на пејачи/музички групи/диџеи во угостителските објекти кои послужуваат пијалаци и храна, вклучително и во ресторанскиот дел на угостителските објекти за сместување (хотели/мотели).
• Се ограничува максималното ниво на бучава во угостителските објекти на 55 децибели.
• Во Протоколот за отворање и работа на угостителските објекти и во Протоколот за отворање и работа на кафетериите се ограничува дозволениот максимален број на лица на една маса на 4 лица. Во Протоколот за отворање и работа на угостителските објекти, точка 6. се брише и се заменува со „максимален број на лица на една маса се ограничува на 4 лица“, а во Протоколот за отворање и работа на кафетериите се додава нова точка: „максимален број на лица на една маса се ограничува на 4 лица“.
• Комисијата укажа, а Владата прифати на стриктно почитување на точка 3. не е дозволено послужување на гости на стоење на шанк и стоечки маси како во Протоколот за отворање и работа на угостителските објекти, така и во Протоколот за отворање и работа на кафетериите.
• Владата го прифати и укажувањето на Комисијата за потребата од строго почитување на забраната за работа на ноќни барови и дискотеки и потребата од преземање на ригорозни мерки од страна на надлежните институции во случај на прекршување на забраната.
Владата ја одобри и препораката на Комисијата за отворањето на училишните кујни за децата со продолжен престој со стриктно почитување на правилата за добра производствена и хигиенска пракса утврдени со законот за безбедност на храна, како и НАССР стандардите и протоколите за заштита од ковид-19, со напомена послужувањето на оброците да се реализира во училишните трпезарии водејќи сметка да не дојде до мешање на ученици од различни паралелки.
На оваа седница, Владата ја усвои предлог-програмата за изменување на програмата за остварување и развој на дејноста во студентскиот стандард за 2020 година за прераспределбата на средства во износ од 106.000.000 денари наменети за студентски стандард, односно за подмирување на трошоци за тековно работење на студентските домови во однос на трошоците за греење, електрична енергија, потрошена вода и други трошоци.
Министрите во Владата денеска го усвоија и Извештај за работата на Комисијата за разгледување на поднесени барања од страна на основачот на училиштето за организирање на настава со физичко присуство, за период од 29.9.2020 година до 2.10.2020 година.