Судејќи според официјалните изјави што доаѓаат од Атина, впечаток е дека Грција воопшто не се придржува кон договорот од Преспа и продолжува да ја ословува Македонија како Скопје или БЈРМ, за што потврда е последната изјава на грчкиот министер за одбрана Никос Панајотопулос за весникот „Катимерини“, кој нашата држава ја ословува со Скопје. И претходно редица грчки политичари и функционери во јавните настапи не се придржуваа до одредбите од заемно потпишаниот договор од Преспа и нѐ именуваа како Скопје или БЈРМ.
За ваквата практика и за кршењето на договорот од грчка страна побаравме мислење од македонското министерство за надворешни работи.
Според МНР, Преспанскиот договор е кристално јасен во однос на употребата на нашето уставно име и начинот на кој тој се употребува.
– Следствено Владата на Република Северна Македонија нема потреба да ги коментира изјавите на претставници на Владата во Грција. Република Северна Македонија посветено работи и се залага во добар дух во исполнувањето на сите обврски предвидени во конечната спогодба, за што верува дека се залага и грчката страна. Грција по потпишувањето на Преспанскиот договор и влегувањето во сила на истиот тој е силен поддржувач на евроатлантските аспирации на Република Северна Македонија и силен промотор на интересите на регионот во евроатлантските структури – велат од МНР за „Нова Македонија“.