Душко Весковски

Во тек е процесот на ажурирање на членството и активна регистрација, а по неговото завршување следуваат и првите внатрепартиски непосредни избори за претседател на СДСМ, истакна организациониот секретар на СДСМ, Душко Весковски, на денешната прес-конференција.

– Интересот за ажурирање е голем, но важно е што и многу нови, пред се, млади луѓе, се приклучуваат кон нашето социјалдемократско семејство. Радува тоа што кон партијата се приклучуваат прогресивни луѓе кои препознаваат СДСМ како партија со која е возможен напредок и развој на државата – посочи Весковски.

Тој ги повика новите членови да го ажурираат членството во нивните матични општински организации.

– Денеска на пет дена до завршувањето на овој процес, ги повикувам сите членови кои досега не го ажурирале членството, тоа да го сторат во своите матични општински организации, а ја користам приликата и да ги повикам и младите овде во Карпош но и низ целата држава, да се приклучат кон СДСМ. Сите кои ги делат социјалдемократските вредности, сите кои сакаат да помогнат во создавање и реализација на мерки и политики што носат подобра иднина за сите, да се приклучат кон СДСМ – наведе организациониот секретар на СДСМ.

Весковски додаде дека СДСМ покажал што значи одговорно, транспарентно и домаќинско работење и оти партијата ќе продолжи во таа насока и во овој мандат.

– Во изминатите три години покажавме што значи одговорно, транспарентно и домаќинско работење и токму во таа насока продолжуваме и во овој мандат. Почитувани граѓани, почитувани млади, приклучете се кон тимот што гради подобра иднина за секој граѓанин. Заедно сите здружени, да ги менуваме работите во општеството кон подобро – нагласи Весковски.