Во согласност со членот 2 од Договорот за пристапување во ЕУ, земјите што пристапуваат се обврзани на почитување на човековото достоинство, слободата, демократијата, еднаквоста, владеењето на правото, како и на почитување на човековите права. Бугарија го потпиша Договорот со ЕУ, но со ветото за Македонија го прекрши токму членот 2, бидејќи не го почитува достоинството на соседниот народ, не дозволува на своја територија некој да се изјасни како Македонец, не ги почитува одлуките на Европскиот суд за човекови права и го спречува правото на една земја на европска иднина
Европа стимулира непочитување на сопствените закони
Европската Унија ѝ дозволува на Бугарија да не го почитува потпишаниот Договор за пристапување во Унијата и за тоа да не преземе никакви последици, доведувајќи го под прашалник личниот интегритет и стратегиските интереси.
Нејасен е ваквиот однос на официјален Брисел кон Бугарија, која со ветото што го наметна кон Македонија директно го загрози процесот на проширување и го наруши кредибилитетот на самата Унија.
Имено, во согласност со членот 2 од Договорот за пристапување во ЕУ, земјите што пристапуваат се обврзани на почитување на човековото достоинство, слободата, демократијата, еднаквоста, владеењето на правото, како и на почитување на човековите права. Бугарија го потпиша Договорот со ЕУ, но со ветото за Македонија го прекрши токму членот 2, бидејќи не го почитува достоинството на соседниот народ, не дозволува на своја територија некој да се изјасни како Македонец, не ги почитува одлуките на Европскиот суд за човекови права и го спречува правото на една земја на европска иднина.
Да биде парадоксот уште поголем, ова што го прави Бугарија не е во името на заштитата на некакви европски вредности, туку само за задоволување на бугарски хегемонистички цели, поставени уште пред повеќе од сто години, кои немаат никаква врска со меѓународното право.
Европа генерира проблеми наместо да ги решава
Индикативно е зошто ЕУ го дозволува тоа, наместо сериозно да ја опомене Софија и да побара таа да не манипулира со европските вредности кога и самата не ги негува. А дека има механизми да го направи тоа е повеќе од јасно, бидејќи во моментот кога две нејзини членки, Полска и Унгарија, решија да тераат некоја своја политика за одредени прашања за кои поинаку мислат од официјален Брисел, истата таа ЕУ се повика на членот 7 од Договорот за пристапување и преку Европската комисија активира механизам за отеченост на владите чии постапки се закана за владеењето на правото, човековите права и демократските принципи.
Ако ова се случи со Полска и Унгарија, тогаш зошто ЕУ молчи за Бугарија и не го активира истиот член и за оваа земја, туку ја амнестира за нелегитимната блокада на Македонија, со образложение дека сите одлуки се носат со консензус.
Европа треба да биде доблесна и да признае дека Бугарија со криминалното вето за Македонија го прекрши членот 2 од Договорот за пристапување, а доколку ѝ е важно функционирањето на правната држава на која толку се повикува, треба да почне и самата да го почитува тоа право и да се однесува така. Во спротивно, само се потврдува мислењето дека ЕУ е таа што генерира проблеми наместо да ги решава, давајќи ѝ поттик на Бугарија да продолжи со деструктивните и неевропски политики.
ЕУ и тоа како може да ја дисциплинира Бугарија
Првиот извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, Александар Кржаловски, се согласува дека ЕУ може да се повика на Договорот за пристапување ако сака да дисциплинира некоја своја членка, но во случајот со Македонија малку е веројатно дека ќе го стори тоа.
– Секако дека за блокадата на Македонија од Бугарија, ЕУ може да се повика на својот основен договор за одбрана на принципите наведени во него (и да ги санкционира прекршувањата на тие принципи од земјата-членка Бугарија), но и од примерот на Грција, а и целото друго искуство, не можеме да очекуваме дека ќе се случи тоа. Имено, и во случајот со Грција, сите знае(в)ме и сите тие (во ЕУ) знаеја дека Грција ги прекршува принципите на правда, владеење на правото, правото на самоопределување и недискриминација…, но сето тоа не беше доволно за ЕУ да направи што било против Грција во спорот за името со нас (и покрај успешно добиената судска постапка во Хаг) – смета Кржаловски.
Тој додава дека ЕУ, по примерот со Грција, сега ќе продолжи да ги фаворизира земјите-членки во недоразбирањата со земјите-кандидатки.
– Слично и сега, ќе се приоретизираат односите со сегашна членка, наспроти тие со земја-кандидатка за членство (ова е и еден од аргументите зошто не е слична/иста ситуацијата во однос на случаите со Полска и Унгарија). Дополнително, малку од релевантните луѓе во Унијата разбираат што е проблемот меѓу Македонија и Бугарија, а уште помалку, пак, се интересираат за тоа. Сметаат дека ЕУ си има доволно проблеми и без ова, па затоа никој не би иницирал дополнителен спор со земја-членка (а заради некоја трета земја). Секако, декларативни поддршки, како и досега, нема да недостигаат, но нема да има реален напор во таа насока (активирање на членот 2 од Договорот). Сè на сè, нема што да очекуваме од Договорот за пристапување, ниту да го гледаме како уште една сламка за спас за која треба да се фатиме – заклучува Кржаловски.
Македонија сама се доведе во подредена улога
Поранешниот вицепремиер за европски прашања Ивица Боцевски смета дека Македонија со своите постапки сама придонела ЕУ да не ја повикува Бугарија за прекршување на Договорот за пристапување.
– Фактот што самите се доведовме во ситуација да преговараме за овие работи, ние веќе не сме во поле на вредности. Европската комисија тврди дека Полска и Унгарија прекршиле европски вредности, околу вредности не се преговара, се утврдува дека се прекршени. Ние дозволивме да преговараме. Ти кога преговараш, веќе го дефинираш теренот, повеќе нема вредности. Се преговара за конкретни работи, не се преговара за вредности – истакнува Боцевски.
Македонската ситуација во спорот со Бугарија, тој ја појаснува преку еден радикален пример, за да долови од што се откажала Македонија кога седнала на преговарачка маса со Бугарија и зошто сега е невозможно земјава да бара ЕУ да го примени членот 7 од Договорот за пристапување во Унијата.
– Ќе наведам еден прерадикален пример за да биде појасно за читателите што се тоа вредности. Јас не можам да преговарам дали ќе си го продадам детето, бидејќи тоа мене ми е врвна вредност. Во моментот кога ќе кажам дека за милион долари би размислил дали би го направил тоа, тогаш е друга ситуацијата. Примерот е многу суров, но најдобро го објаснува ова што ни се случува. Моето дете е најголемата вредност и јас за тоа не преговарам, ама ако речам дека ќе размислам за милион долари, тука веќе влегувам во купопродажен договор за дете. И ние во случајот со Бугарија рековме дека не преговараме за идентитетот, ама ќе седнеме со нив на разговори. Кога ќе седнеш, веќе има трансакција. Затоа на тоа се надоврзаа Европејците и Американците, задоволни што ние ќе преговараме. Затоа и Преспанскиот договор е таква катастрофа. Ние влеговме во преговори и за идентитет. Ние влеговме во трансакција. Ние бевме на едно високо морално рамниште, а сега сме во калта – додава Боцевски.
Според него, кога веќе сме го напуштиле нашето поле на вредности со преговорите со Бугарија, сега тешко ќе се повикуваме на членот 2 од Договорот на ЕУ.
– Да останевме на полето на вредности, поинаква ќе беше ситуацијата, но ние од поле на вредности влеговме во трансакција. Сега како ќе се повикуваме на членот 2 од Договорот за ЕУ кога сме седнале на преговарачка маса со Бугарија? ЕУ бара решение од нас.
Ние со Грција зборувавме за разликите, не преговаравме. Сакавме да видиме какво е нивното гледиште за историјата, која е нивната идеја за Македонија, која е нашата идеја и некаде да се сретнеме. Да видиме каде ни се среќаваат наративите, но не да преговараме како што направи актуелниот премиер за „Северна“, и да се откажеме од Македонците во Егејска Македонија. Ние ѝ потпишавме на Грција дека не мора да се соочи со еден болен момент од сопственото минато. А зошто да не го прави тоа кога ги наруши човековите права, изврши етноцид во Егејска Македонија и сега ние се откажуваме од сето тоа – прашува Боцевски.
Поранешниот вицепремиер смета дека сега сите чекаат да го видат исходот од преговорите со Бугарија.
– Сега сите чекаат да видат што ќе произлезе од овој процес на трансакција во кој влеговме – заклучува Боцевски.