Угледни регионални историчари, професори и интелектуалци од Хрватска, Црна Гора и од Србија ги осудија бугарскиот ултиматум, ревизионизмот и злоупотребата на историјата во политички цели. Потпишувајќи заедничка декларација тие истакнаа дека наметнувањето на „историските вистини“ е неприфатливо и опасно. Сметаме дека таквиот пристап на Бугарија е опасен не само за историјата како хуманистичка дисциплина туку и за демократијата и просперитетот на регионите, но и на самата Европска Унија. Создавањето на македонската нација не се разликува од начините на кои настанале сите други нации, а правото на самоопределување е основно човеково право, порачуваат потписниците на протестното писмо што ќе биде испратено до Брисел, но и до други меѓународни институции
ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА ОСУДА НА БУГАРСКИОТ ИСТОРИСКИ РЕВИЗИОНИЗАМ И НА ЗЛОУПОТРЕБАТА ЗА ПОЛИТИЧКИ ЦЕЛИ
Бугарија го блокира почетокот на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија, аргументирајќи го ветото со непочитување на Договорот за добрососедство од македонска страна, поточно барајќи од земјава да го признае бугарскиот корен на народот, да се откаже од историјата пред 1944 година и да прифати дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот.
Сево ова бугарските политичари го зачинија со навреди од типот „вештачка нација“ и „коминтерновска творба“.
Образложенијата на официјална Софија за наметнатото вето за македонскиот евроинтегративен процес се целосно неприфатливи за меѓународните прогресивни сили, кои сметаат дека бугарските барања се непримерни, особено кога доаѓаат од земја-членка на Европската Унија.
Токму последните провокации од Бугарија беа повод дваесетина угледни историчари и професори од регионот да изработат и да потпишат декларација именувана „Да ја одбраниме историјата“, истовремено преку неа и да испратат протест со кој се спротивставуваат на бугарските тези за вештачко потекло на македонската нација, јазик и идентитет, како и за единствена „историска вистина“ видена само низ бугарска призма.
– Сметаме дека таквиот пристап е опасен не само за историјата како хуманистичка дисциплина туку и за демократијата и просперитетот на регионите, но и на самата Европска Унија. Наметнувањето на „историските вистини“ е неприфатливо и опасно. Создавањето на македонската нација не се разликува од начините на кои настанале сите други нации, а правото на самоопределување е основно човеково право – порачуваат потписниците.
Тие бараат од историчарите во Македонија и во Бугарија, но и во сите земји од регионот, да бидат професионални и да се спротивстават на злоупотребите на својата дисциплина.
– Од политичарите бараме да водат одговорни политики, да не ги поддржуваат историчарите што поттикнуваат националистички конфликти и да не вршат притисоци што доведуваат до фалсификување на минатото – се наведува во декларацијата.
Историчарите и професорите од регионот бараат и европските институции да реагираат на ваквите појави.
– Од европските институции и држави бараме да реагираат на злоупотребата на историјата, почитувајќи ги основните принципи на Европската Унија, кои овие денови на Балканот и во Европа се загрозени, како што се различноста, антифашизмот и демократијата. Европската Унија е создадена како лек против сите лоши искуства од минатото и затоа не дозволуваме со искривување на историјата да се уништуваат принципите на кои се темели идејата за обединета Европа – се посочува во декларацијата.
Потписниците им даваат поддршка на интелектуалците и историчарите во Македонија и во Бугарија отворено да се спротивстават на политичките притисоци и да се борат за заштита на својата професија и професионалните стандарди.
– Само солидарни можеме да ги совладаме сериозните препреки што стојат пред нас – порачуваат дваесетината угледни професори и историчари во реакцијата на бугарските барања кон Македонија.
Потписниците најавија дека нивното протестно писмо ќе биде испратено до Брисел и на други адреси.