Се чини дека бугарските политичари стануваат свесни дека признавањето на македонското малцинство од страна на Бугарија би можело да биде условено од страна на Европската Унија и нејзините финансиски фондови. Имено, Ангел Џамбаски, заменик-претседател на ВМРО-БНД и европски пратеник, во своја изјава во јавноста ја откри алтернативната опција на Унијата за рестрикција на европските фондови за Бугарија доколку не ја почитува резолуцијата на Европскиот парламент за регистрирање на организациите со македонски етнички предзнак во својата држава
Македонско малцинство во Бугарија има,
а резолуцијата на ЕП за регистрирање на
македонските организации мора да се почитува
Умерениот оптимизам на германската канцеларка Ангела Меркел во нејзината последна изјава за шансите на Македонија да ги започне преговорите за членство во ЕУ во текот на овој месец, повторно е пресретнат со тврдите позиции на Бугарија за неповлекување на ветото за македонските евроинтеграции, кое го ефектуира на 17 ноември. И покрај тоа, канцеларката Меркел, укажувајќи на потребата за „уште преговори меѓу Бугарија и Македонија“, всушност сѐ повеќе го нагласува германскиот потенцијал за „големо внимание на регионот на Западен Балкан“. На канцеларката, односно на Германија, како актуелен претседавач со Советот на ЕУ, но и на другите земји-членки на ЕУ им е јасно дека трите бугарски услови за повлекување на ветото за македонските евроинтеграции воопшто не се во корелација со критериумите за проширување на Унијата и дека Бугарија го злоупотребува принципот на консензуално одлучување, по моделот што претходно го применуваше Грција. И не само што не се во корелација со условите за проширување туку бугарската позиција е целосна контрадикција со основните принципи и вредности на ЕУ, во доменот на почитување на националните и културолошките разлики, а пред сѐ на инсистирањето на правата на малцинствата. Политиката на ЕУ за постојано унапредување на правата на малцинствата никако не може да се препознае во бугарската анахрона, но сѐ уште доминантна државна позиција дека во Бугарија нема малцинства и дека граничи со самата себе. Токму затоа еден од нелогичните услови на Бугарија за Македонија е откажување од побарување на правата за македонското малцинство (иако тоа излегува од мандатот на македонската влада), но и предизвикува „изненадување“ кај бугарските политичари резолуцијата на Советот на Европа за спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права за регистрирање на организациите со македонски етнички предзнак во Бугарија.
Во контекст на изненаденост и загриженост со ваквата резолуција на Советот на Европа за македонското малцинство во Бугарија, деновиве дадоа изјави и бугарскиот премиер Бојко Борисов и поранешниот претседател на државата Росен Плевнелиев. А сега се чини дека бугарските политичари стануваат свесни дека признавањето на македонското малцинство од страна на Бугарија би можело да биде условено од страна на Европската Унија и нејзините финансиски фондови. Ангел Џамбаски, заменик-претседател на ВМРО-БНД и европски пратеник, во текот на своето гостување на еден бугарски медиум ја призна можноста за „казна“ на Бугарија со рестрикција на европските фондови доколку не ја почитува резолуцијата на Европскиот парламент.
– Колку треба да си политички незрел, колку треба да си неодговорен кон сопствената нација, за да дозволиш да започне таква глупост и таа да заврши со национално предавство. Таа резолуција во овој момент се користи од медиумите во соседната држава. Општествениците велат дека Европскиот парламент го признава постоењето на македонското малцинство – кажа Џамбаски, лутејќи им се на другите бугарски европарламентарци од Бугарската социјалистичка партија, кои гласале за резолуцијата, која според него „признава сепаратистичка антибугарска организација што се бори за признавање на непостојно малцинство во Бугарија“.
На прашање дали би можело признавањето на македонското малцинство да биде условено со европските пари, Џамбаски одговори: „Ќе дојде до тоа, немојте да се лажете“.
Иако е членка на ЕУ, Бугарија и понатаму е под мониторинг на Унијата токму поради нејзиното проблематично однесување кон малцинските прашања, а доколку не ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права за регистрација на македонските здруженија до 1 јуни 2021 година (како што е наведено во императивна форма во резолуцијата) ѝ се заканува и исклучување од Советот на Европа.
– Што моќ ќе беше тоа во рацете на Бугарија, па цела ЕУ ја врти околу својот мал прст? Одговорот, од умно умните глави, веднаш ќе го добиете. Имала право на вето, а тоа право да ти било едно од темелните права/вредности на ЕУ – дообјаснуваат умно умните глави. Точно, Бугарија навистина има право на вето, сѐ до оној момент додека ЕУ не ѝ запре само една финансиска славина. А Бугарија е, тоа е повеќе од вистинито, чувствителна на славини. Ете, дотука оди бугарското право на вето. ЕУ, сепак, не сопира ниту една славина. Дека некој се шегачи со македонските граѓани е повеќе од јасно. Само што оваа вистина треба секојдневно да се повторува, наместо да мантраат за „моќта“ и тврдоглавоста на Бугарија – го „открива лекот“ за бугарското вето универзитетскиот професор по филозофија Љубомир Цуцуловски.
Дека постоењето и поврзаноста на македонскиот јазик со македонското малцинство во Бугарија се клучната причина за бугарските опструкции за македонските евроинтеграции констатира и професорот Стојко Стојков, копретседател на организацијата ОМО Илинден Пирин во Република Бугарија.
– Клучно за Бугарија е да се оспори македонскиот јазик, затоа што тоа го негира самото постоење на македонската нација, а од друга страна ќе се одземе секоја можност во иднина да се бара признавање на македонското малцинство во Бугарија, кое е клучен проблем за Бугарија. Ако македонскиот јазик е посебен јазик и уште повеќе што во минатото се изучувал во Бугарија, тогаш јасно е дека бугарската позиција не може да се заштити – вели Стојков, потсетувајќи дека овие позиции на официјална Софија се стари повеќе од 50 години, но и дека без меѓународен притисок тие нема да се променат.