Освен несогласувањето за дефиницијата на македонскиот јазик во документите на ЕУ, Захариева по средбата во Берлин со Османи и со Димитров го нагласи барањето и во преговарачката рамка да биде вметнато дека Македонија се откажува од тврдењата за македонско малцинство во Бугарија

Софија ќе ја одобри ЕУ-рамката за преговори со Македонија доколку Скопје се откаже од македонското малцинство во Бугарија?!

Напорите на Германија, како земја-претседавач со ЕУ, да посредува во решавање на новото проблематизирање на старите бугарски позиции, како услов за Македонија да го започне преговарачкиот процес со ЕУ, според шефицата на бугарската дипломатија стигнале до фазата „постигнат одреден напредок во однос на отворените прашања, но сѐ уште не сме во можност да ја одобриме рамката за преговори за Македонија“.
Во понеделникот, на 2 ноември, една седмица пред состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ на 10 ноември, во Берлин, македонските министри Бујар Османи и Никола Димитров имаа средба со шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева, на која домаќин им беше германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас, кој заедно со министерот за Европа во германското МНР Михаел Рот, настојуваа да ги приближат позициите на двете страни.
Германското претседателство со ЕУ на оваа средба беше фокусирано на пронаоѓање компромис во две клучни точки: македонскиот јазик – кој Бугарија не го признава и инсистира да се именува како „официјален јазик во согласност со Уставот на С. Македонија“ во документите на ЕУ, и потрагата по компромис за историските настани и личности.

Позицијата на Германија во однос на второто прашање е дека во Европа има простор за различни интерпретации на историјата. Таков е токму примерот на Германија и Франција по Втората светска војна, но и искуството на други европски соседни држави. Што се однесува до споменувањето на македонскиот јазик во документите на ЕУ, германскиот печат откри дека во Брисел се размислувало за „неутрална формулација, но дека тоа може да предизвика чувствителна реакција поврзана со идентитетските прашања како европска вредност“. Општ е впечатокот меѓу земјите-членки на ЕУ дека бугарските позиции во однос на Македонија се апсурдни за 21 век, но тоа и понатаму не го омекнува тврдиот став на Бугарија во однос на нивните барања (по моделот на грчките пред блокадата за членството на Македонија во НАТО, во 2008 година) Македонија практично да го признае своето „бугарско потекло“.
Обраќајќи се пред бугарските медиуми во Софија, по средбата за македонските министри во Берлин, Екатерина Захариева децидно нагласи дека „беше постигнат одреден напредок во однос на отворените прашања, но сѐ уште не сме во можност да ја одобриме рамката за преговори за Македонија“.

– Ние сме добронамерни, но не можеме да правиме компромиси, кои ќе продолжат да водат кон антибугарска кампања. Ова е ставот на бугарската влада – изјави бугарската министерката за надворешни работи Екатерина Захариева. Таа појасни дека одреден напредок е постигнат во користењето на краткото име на Македонија.
– Користејќи го краткото име, за Бугарија е важно да се изјаснат дека тоа не води до географскиот дел на Бугарија, дека не е поврзано со територијални или малцински претензии. Македонија вети дека ќе го објави ова. Што се однесува до јазикот, повторивме дека постојат две опции: или употребата на верзијата за 2017 година, или признавање на еволуцијата на македонскиот од бугарскиот јазик. Мислам дека имавме и мошне голема конвергенција на позициите во Берлин. Досега, сепак, сè уште не сме во можност да ја одобриме рамката за преговори за Македонија, но работиме и активно со германското претседателство – рече Захариева.
Освен несогласувањето за дефиницијата на македонскиот јазик, Захариева го нагласи барањето и во преговарачката рамка да биде вметнато дека Македонија се откажува од тврдењата за македонско малцинство во Бугарија
– Работиме на отстранување на преостанатите барања на Бугарија во преговарачката рамка, кои се врзани со гаранции, со одобрение за дејствување за исполнување на договорот од 2017 година. Бараме јасно декларирање и во преговарачката рамка и од страна на Македонија дека нема да се поддржуваат претензии за малцинство од државните институции – кажа бугарската министерка.

За разлика од бугарската министерка, која пред својата јавност речиси веднаш ги презентираше деталите од состанокот во Берлин, македонските министри, учесници на средбата, не ја информираа македонската јавност за каков било исход од разговорите.
Во обид да ги помири позициите на двете страни, се вклучи и германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер, кој имаше закажан телефонски разговор со македонскиот претседател Стево Пендаровски. Очекувањата беа и тој да го повтори ставот, кој веќе во повеќе наврати го нагласија и од германското МНР – дека билатералните спорови не треба да бидат дел од евроинтеграцискиот процес на Македонија и на државите од Западниот Балкан, но детали и од тој разговор долго во текот на вчерашниот ден не се појавија во македонската јавност. Според некои информации, се очекува Штајнмајер да ги насочи своите дипломатски напори и кон Софија, во правец на бугарскиот претседател Румен Радев и опозициската Бугарска социјалистичка партија, со кои споделува иста идеолошка линија, со оглед на тоа што многу години беше член и лидер на германската Социјалдемократска партија.