САД веруваат дека Македонија покажала оти е подготвена за нејзина прва меѓувладина конференција и се надеваат дека тоа ќе може да се случи што е можно побрзо, кажа американската амбасадорка во земјава Кејт Мари Брнз во интервју за Гласот на Америка.
– Разочарани сме од ветото на Бугарија поради бројни причини. Прво затоа што веруваме дека Северна Македонија беше подготвена да го почне процесот на отворање и затворање на поглавјата со ЕУ – изјави Брнз, додавајќи дека ветото носи ризик не само за Македонија, туку и за ЕУ, како и за прашањата поврзани со процесот на проширување во целина.
Брнз ја истакна ангажираноста на САД во регионот и во Македонија, во насока на поддршка на реформската агенда и осигурување дека пристапниот процес во ЕУ оди напред.
– Прво би сакала да кажам дека САД се ангажирани во овој регион и во Северна Македонија со децении. Јас би кажала дека во изминативе неколку години и многу интензивно вклучени во поддршката на Северна Македонија да влезе во НАТО, во поддршката на нејзините аспирации и напори да се приклучи кон ЕУ, како и во проширување на економската соработка и регионалната соработка во целина. Јас верувам дека таквиот вид на соработка ќе продолжи, и се разбира пред се` ќе биде фокусирана на нашата поддршка за евроатлантската интеграција на Северна Македонија. Тоа е основа на нашата политика овде, и има многу работа да се заврши, во смисла на поддршка на реформската агенда, како и да осигураме дека пристапниот процес во ЕУ оди напред – кажа амбасадорката, одговарајќи на прашањето дали очекува администрацијата на новоизбраниот претседател Џо Бајден да изврши поголем притисок врз Бугарија за отстранување на ветото.
Брнз смета дека е важно билатералните разговори помеѓу Македонија и Бугарија да продолжат и се надева оти дискусиите ќе продолжан на конструктивен начин и во интерес на двете страни.
Таа меѓудругото истакна дека е среќна што Законот за попис поминал во Собранието, наведувајќи дека ова е важен чекор, а Брнз нагласи дека нејзин приоритет претставува Македонија како најнова членка на НАТО да биде подготвена за да учествува како активен придонесувач во Алијансата.