Македонија ја поделија, ропствата се менија, но борбата на македонскиот народ не престана. Кога сите поробени народи на Југославија се дигнаја против денешниот непријател на целото човечество фашизмот, и македонскиот народ се нареди во таја борба. Тој во неа виде возможност да ја помогне општата борба на сите поробени народи и целото слободољубиво човечанство и да го оствари својот вековен национален идеал…, Панко Брашнаров
На 20 април 1945 година, советската армија започнува со артилериско гранатирање на центарот на Берлин, со што започна битката за освојување на престолнината на Третиот рајх. Датумот не беше случајно избран, бидејќи на овој ден Адолф Хитлер го прославуваше својот роденден. На 22 април во излив на бес, Хитлер признава дека војната е изгубена и дека неговите планови нема да се остварат. Пред блиските соработници изјавува дека ќе остане во Берлин до самиот крај, а потоа ќе изврши самоубиство.
Во последните денови на април 1945 година, се случуваат неколку клучни моменти. На 28 април италијанскиот фашистички диктатор Бенито Мусолини е убиен од италијанските партизани, следниот ден германската армија во Италија капитулира, а на 30 април Хитлер се самоубива и советските војници ја освојуваат зградата на Рајхстагот и го истакнуваат советското црвено знаме. Во текот на овој период, советската армија во германската престолнина води крвави борби што траат една недела, а битката завршува на 2 мај кога германскиот воен гарнизон на Берлин се предава.
Според желбата на германскиот диктатор Хитлер, по неговата смрт адмиралот Карл Дениц требало да биде назначен за нов претседател на рајхот, а Јозеф Гебелс за нов канцелар. Но на 1 мај 1945 година, Гебелс се самоубива и Дениц во својство на претседател сам ги води преговорите со сојузниците. Безусловната капитулација на Германија е потпишана на 7 мај, а влегува во сила на 8 мај. Со потпишувањето на германската капитулација, војната во Европа заврши и беше уништен Третиот рајх, за кого Хитлер веруваше дека ќе постои илјада години. Борбата против европскиот нацизам и фашизам траеше дванаесет години и загинаа околу 50 милиони Европејци.
Сѐ што е наше македонско ни се претставува како да е бугарско
Додека советската армија и сојузниците војуваа против нацистичка Германија и фашистичка Италија и во Европа, македонскиот народ ја избра борбата против нацизмот и фашизмот. Еден месец по окупацијата на Македонија од страна на германската, италијанската и бугарската армија, Методија Шаторов-Шарло, во својство на секретар на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија, испраќа проглас, во кој се вели: „Како резултат на војната и наша Македонија е окупирана… Ние не видофме нити наши чиновници, нити да се споменува нешто за нашите македонски револуционери, што пак за македонската култура. Се што е наше ни се представуе како да е било бугарско… да се обединат сите Македонци и други народности во Македонија за општо своје право за слобода и равноправност, но не цепене на македонската земја и македонскио народ.“
Во следниот период беа создадени повеќе партиски организации што организираа воена обука. На 2 јуни 1941 година беше извршена диверзантска акција во текот на која беше запален и уништен еден германски транспортен авион од типот „ЈУ-52“. Со овој чин започна организираната борба на македонскиот народ против бугарската фашистичка окупација. Општото народно востание во Македонија се засилува во 1944 година, македонските партизански единици успешно се спротивставуваат на окупаторската армија во текот на Февруарскиот поход и Пролетната офанзива. Во текот на последните операции за ослободување на Македонија, под команда на Главниот штаб на Народноослободителната војска на Македонија и македонските партизански одреди биле околу 80.000 борци распределени во седум дивизии и три корпуси.
Животворниот извор на слободата не секна
Во средината на 1944 година започнува последната етапа од ослободувањето на Македонија, во овој период се формирани околу 400 народноослободителни одбори и беа избрани 116 делегати за Првото заседание на АСНОМ, како највисоко законодавно и извршно претставничко тело на македонската држава.
Заседанието на АСНОМ беше отворено од Панко Брашнаров, кој меѓу другото истакна: „Другари народни претставители, жив сум свидетел на два Илиндена – 1903 и 1944 година. Во моите спомени се нижат безброј моменти за илинденската народна епопеја и Крушовската република. Бескрајни беа напорите на вооружениот македонски народ, огромна беше жаждата му за слобода, борбата го дари со слободна Крушовска република. Но разјарениот башибозук и турската регуларна војска се нафрлија и го затрупаја оазисот на слободна Македонија – Крушовската република го потушија востанието и го стегнаја искрвавениот македонски народ во ново ропство. Животворениот извор на слободата не секна. Македонија ја поделија, ропствата се менија, но борбата на македонскиот народ не престана. Кога сите поробени народи на Југославија се дигнаја против денешниот непријател на целото човечество фашизмот, и македонскиот народ се нареди во таја борба. Тој во неа виде возможност да ја помогне општата борба на сите поробени народи и целото слободољубиво човечанство и да го оствари својот вековен национален идеал… Денеска на фториот, славен Илинден, последен Илинден на неослободена Македонија, се стават темелите на македонската држава во која да се обедини и заживее нашиот народ онаков среќен живот каков го заслужува по своите претрпени ропски маки и петвековни борби.“ Зборовите на Брашнаров потврдуваат дека борбата против фашизмот беше и борба за остварување на македонскиот вековен идеал – македонска нација и држава, идеал што денес официјална Софија се обидува да го ништи. Во пресрет на 9 Мај, Денот на победата над фашизмот, неизбежна е историската вистина дека македонскиот народ се вбројува меѓу оние народи што смело застанаа против нацизмот и фашизмот. За македонскиот народ беше сосема природно да ја прифати борбата против фашистите, бидејќи неговата идеологија отсекогаш била проткаена со слободарски и демократски дух, а од оваа борба произлезе современата македонска држава и конечно беа кодифицирани македонските особености – јазик, култура, обичаи и др.
Македонија и Бугарија: антифашисти и фашисти, каде има тука заедничка историја?!
Како официјален сојузник на нацистичка Германија и фашистичка Италија, фашистичка Бугарија беше членка на силите на Оската. Како таква, Бугарија окупираше големи делови од територијата на Македонија, учествуваше во холокаустот со депортирањето на македонските Евреи и изврши воени злосторства против Македонците. Оваа историска реалност ја потврдуваат сите релевантни светски историчари, вклучувајќи ги и бугарските историчари, односно историските сведоштва и факти. Затоа секоја дискусија за заедничка историја помеѓу Македонија и Бугарија е невозможна. Македонскиот и бугарскиот народ се наоѓаат од спротивните страни на историјата, всушност бугарската политичка елита секогаш водела агресивна надворешна политика, која имала цел приграбување на што поголем дел од Македонија. Македонците за разлика од Бугарите никогаш не воделе освојувачки војни, туку ослободителни и затоа не можеме да говориме за заедничка историја.
Затоа, на денот кога се прославува Денот на победата над фашизмот, со полн легитимитет можеме ние Македонците да го прославиме и чествуваме! Оние што биле на погрешната страна на историјата, може само да се „шлепуваат“ и да прославуваат покрај заслужните нации што го поразија фашизмот. Или, пак, како официјална Софија, да се обидат да присвојат туѓа историја, на друга нација, за да можат да прикажат дека биле на вистинската страна на историјата!
Затоа, честит нека ни е Денот на победата над фашизмот! Историјата сѐ уште го памети мотото: Смрт на фашизмот, слобода на народот!