Врз основа на нашите претходни искуства, вклучувајќи ги и индициите од разговорите со поранешни и сегашни дипломати, предмет на дискусија и анализа деновиве беа актуелните верзии за неоткриениот дел на посетата и постоењето „документ надвор од јавноста“, кој го донел во Скопје холандскиот премиер Руте. Имено, дека „Брисел ќе понуди решение за надминување на бугарското вето, кое Македонија ќе биде обврзана да го прифати“…
Постои ли таен предлог-договор на Унијата за брзо подигнување на бугарското вето?
Случувањата на македонската политичка сцена видливо добија поинаков тек по посетата на холандскиот премиер Марк Руте, минатата седмица во Скопје, еден ден пред гласањето доверба на Владата во Собранието. На прв поглед се чини дека неговата изјава дека е „претпазлив оптимист“ за почеток на пристапните преговори на Македонија за членство во ЕУ беа доволна „мотивација“ за еден пратеник да го промени мислењето за потребата од неговиот глас за недоверба на Владата, иако на своевиден начин го дерогираше институционалното значење на македонското собрание. Според подоцнежните изјави на самоисчезнатиот, па самопојавен пратеник, уште еден аргумент за неговата одлука со чин на непојавување на работното место во Собранието, со што ги „спасил македонските евроинтеграции“, била и информацијата дека францускиот претседател Макрон издал насоки за дејствување на своите амбасадори во земјите-членки на ЕУ за да овозможат почеток на преговори на Македонија и на Албанија до крајот на годинава, односно бугарското вето за македонските евроинтеграции да биде отстрането до 14 декември.
Неоткриен дел од посетата на холандскиот премиер во Скопје?!
Ваквиот ненадеен оптимизам и очекувања за почеток на преговорите со ЕУ до крајот на годината, главно кај провладиниот дел од македонскиот политички амбиент, предизвика контроверзни претпоставки во другиот дел од јавноста за некаков неоткриен дел од посетата на холандскиот премиер во Скопје. Имено, на ниво на неофицијални, но доверливи информации, во јавноста се појавија тези дека холандскиот премиер всушност донел и предлог-документ за македонската страна, со кој на бугарската страна би ѝ се гарантирало исполнување на нејзините услови за брзо отстранување на ветото, до самитот на ЕУ, во средината на декември. Имајќи ги предвид постизборната состојба во Бугарија и роковите за конституирање на парламентот, а следствено и на Владата, како институции во кои би требало да се одлучува за евентуално отстранување на условите од ветото за македонските евроинтеграции, се наведува на резервираност дека дури и „претпазливиот оптимизам“ на Марк Руте е најблаго кажано – неоснован и нереален. Таквата процена, пак, ги отвора и сомнежите дека брзото решение на вето-ситуацијата меѓу Македонија и Бугарија од страна на ЕУ се бара „според рецептот за Преспанскиот договор, со исполнување на сите бугарски услови од македонска страна“. Токму врз таквото претходно искуство, вклучувајќи ги и индициите од разговорите со поранешни и сегашни дипломати, се втемелени верзиите за неоткриениот дел на посетата и „документот надвор од јавноста“, кој го донел во Скопје холандскиот премиер Руте.
Министерството за надворешни работи и Секретаријатот за европски
прашања сѐ уште без одговор
За отстранување на нејаснотиите по ова прашање, а кои силно го тангираат јавниот интерес, „Нова Македонија“ се обрати со новинарско прашање во Министерството за надворешни работи и Секретаријатот за европски прашања, во насока на потврдување или негирање на веродостојноста за постоење каков било предлог-документ за отстранување на бугарското вето и за почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ, но, за жал, не добивме одговор.
Ферид Мухиќ, универзитетски професор по филозофија и поранешен пратеник во македонското собрание, кој не гласаше за ратификација на Договорот за добрососедство со Бугарија, поради неговата асиметричност, вели дека Македонија, како уценета страна, не може да одговори на ниту еден услов уцена на Бугарија, без да ја активира спиралата на целосна национална деградација, што е недопустливо.
– Македонските евроинтеграции се доведени во состојба – подобро да има нешто, некаков предлог од ЕУ, отколку да нема ништо. Имено, со предлозите, барем ЕУ покажува дека е заинтересирана за изнаоѓање некакво решение за македонско-бугарскиот случај. Но дури и да постои некаков предлог-документ од холандскиот премиер Руте (или некој друг претставник на ЕУ), треба да се знае дека тоа е сепак само предлог, со кој не може да се наметне волјата на ниту една страна: како на бугарската така и на македонската. Како што се поставени нештата во македонско-бугарските односи, секој предлог што би бил осмислен би бил повеќе на страната на Бугарија отколку на Македонија. Односно, најдоброто што може да се издејствува е само да се намали цената на „рекетот“ што Бугарија ѝ го наметнува на Македонија, но не и целосно да се укинат уцените. Во принцип, кога веќе се влегува во преговори и медијација во уценувачка ситуација, се оди на тоа колку што е моќно помалку да му се угоди на уценувачот, но не и да се отфрлат сите негови услови. Тоа е јасно и директно искажано во уценувачките изјави на бугарскиот претседател во реизбор, Румен Радев. Проблемот на Македонија, како уценета страна, е што не може да одговори на ниту еден услов уцена на Бугарија, без да ја активира спиралата на целосна национална деградација – вели Ферид Мухиќ, универзитетски професор по филозофија и поранешен пратеник во македонското собрание, кој не гласаше за ратификација на Договорот за добрососедство со Бугарија, поради неговата асиметричност.
Макрон нема инструмент да им наметне волја ниту на Бугарија ниту на Македонија да прифатат каков било предлог
Во однос на информациите за одлуката на францускиот претседател за забрзување на почетокот на преговорите на Македонија и на Албанија за членство во ЕУ, пред Франција да го започне своето шестмесечно претседателство со Унијата од јануари 2022 година, професорот Мухиќ вели дека ниту Макрон нема никакви инструменти да им ја наметне својата одлука ниту на Бугарија ниту на Македонија.
– Не сум склон да верувам дека нешто ќе се реши до 14 декември во поглед на почеток на преговорите на Македонија со ЕУ. Одлуката што ја испратил до своите амбасадори во ЕУ-земјите е повеќе покажување интерес за проширувањето на Унијата, но повеќе алиби за евентуалниот неуспех на процесот, што би го наследил како нерешено прашање во француското претседателство. Имено, тој првенствено презема обврска да дејствува врз приоритетите за Унијата што се во програмата на француското претседателство, додека наследените нерешени прашања не му се приоритет и обврска. Конечно, и покрај неговата одлука, сепак Макрон нема инструмент да им наметне волја ниту на Бугарија ниту на Македонија да прифатат каков било предлог – вели професорот Мухиќ.