Северноатлантскиот сојуз сака да ја засили одбраната на земјите-членки против биолошките оружја. Последиците од пандемијата на коронавирусот го зголемија алармот на НАТО и го мобилизираa за оваа проблематика. Ако во досегашната историја на човештвото хемиските и атомските оружја го имале приматот во трката за вооружување и воена употреба, сега, со пандемијата, биолошкото оружје го презеде првото место за глобална закана…
Коронавирусот го мобилизира НАТО да подготвува одговор на нападите со биолошки оружја
Имајќи ги на ум последиците што ги предизвика пандемијата на коронавирусот врз функционирањето на државите, но и врз здравјето на нивните граѓани, Северноатлантската алијанса ги засилува своите капацитети за борба против биолошките оружја. Коронавирусот (не) е креиран во лабораторија, но тој ги истакна опасностите што им се закануваат на земјите-членки на НАТО од употребата на биолошките оружја. Оваа констатација во интервју за „Франкфурт алгемајне цајтунг“ неодамна ја истакна и првиот човек на Алијансата, Јенс Столтенберг.
– Овој тип т.н. хемиски оружја, кои инаку се забранети со меѓународното право и конвенциите за користење оружје, го зголеми алармот. Токму затоа треба да сме подготвени за одговор од неговата употреба, бидејќи знаеме дека овој тип оружја сѐ уште се активни и постојат – изјавил Столтенберг за „Франкфурт алгемајне цајтунг“.
Во својот разговор со новинарите, Столтенберг не ја исклучил ниту можноста за нуклеарен и конвенционален одговор на НАТО врз државата што нападнала земја-членка со биолошко оружје.
– НАТО не поседува забрането оружје, но имаме низа механизми што ни овозможуваат соодветен одговор доколку се активира членот 5 од Договорот на Алијансата за заедничка одбрана на сојузниците – вели Столтенберг.
Болестите како терористички орудија
Во своја анализа на оваа тема, порталот „Геополитика“, пак, пишува дека коронавирусот заедно со малите сипаници и антраксот спаѓа во групата опасности што би можеле да се класификуваат како биолошки оружја.
Медиумот информира дека научниците во неколку наврати изминативе години докажале дека форми на овие заболувања, модифицирани во лаборатории, сепак може да се искористат токму како биолошки или хемиски оружја.
– Заднината на ваквите научни истражувања има цел да се утврдат причините за мутацијата на овие опасни болести, но и опасностите доколку истите тие паднат во рацете на терористички организации – пишува „Геополитика“.
Според порталот, едно од најлошите сценарија во употребата на болестите како оружје е опцијата тие да бидат модифицирани да заразат само одбрана популација на луѓе, односно да дејствуваат против лица од белата или црната раса.
Од друга страна, пак, „Франкфурт алгемајне цајтунг“ информира дека генералниот секретар на ОН, Антонио Гутераш, во јули 2020 година предупредил за терористичка опасност во светот од користење биолошки оружја.
Тој предупредил дека меѓународната документација на оваа тема, која потекнува од 1975 година, во себе не содржи никакви контролни механизми, а истовремено околу 14 држави никогаш не ја потпишале меѓународната повелба. Во оваа група земји влегуваат Израел, Сомалија, Египет, Еритреја и други..
Недостиг од разузнавачки докази за потеклото на пандемијата
Во свој прилог на темата поврзана со можноста коронавирусот да се користи како биолошко оружје, американската телевизија Си-ен-ен цитира изјава на генералот на војската на САД, Марк Мили, кој тврди дека податоците на разузнавачките служби немаат информации на одговорот дали коронавирусот се појавил природно, односно дека не е направен во лабораторија, и дали навистина станува збор за природна појава или биолошко оружје.
На прашањето дали постојат докази дека вирусот е можеби создаден во некоја од лабораториите во Кина и дека е пуштен случајно, генералот Мили не дава свое конкретно мислење.
– Постојат голем број гласини во медиумите и на интернет. Не треба да ве изненади дека обрнавме особено внимание, па нашите разузнавачки служби го испитуваат случајот. Во овој момент би рекол само дека не постојат доволно докази и не знаеме дефинитивно за што се работи – изјавил Мили.
Регионални и домашни опсервации на ова прашање
Полемиката поврзана со можноста пандемијата да биде нуспроизвод на некое биолошко оружје во светот е активна и во круговите на домашната и регионалната јавност. На оваа тема медицински и безбедносни експерти водат силни полемики, изразувајќи сомнежи и негирања за случувањата што однесоа милиони жители во светот.
Од друга страна, пак, Даница Грујичиќ, директорка на Институтот за онкологија во Белград, во изјава за белградските медиуми вели дека од појавата на ковид-19, знаењето за овој биолошки агенс ѝ се сменило и верува дека станува збор за биолошко оружје наспроти тврдењата дека е вирус што се појавил природно.
– Лично јас длабоко сум убедена дека станува збор за лабораториски вирус и некаков вид биолошко оружје. Кој болен ум го има направено и за каква цел, не можам да одговорам на ова прашање – изјавила Грујичиќ.
Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски верува дека овој проблем Македонија треба да го гледа од две перспективи.
– Прво од перспектива на земја-членка на НАТО, и по оваа логика сега треба да го следиме чекорот на нашите сојузници и да подготвиме сценарија како може државата најдобро во иднина да превенира несакани ситуации доколку бидеме нападнати со биолошко и хемиско оружје. Од друга страна, втората перспектива во овој момент е важна за нашата академска јавност, која предводена од МАНУ сега пак треба да ги истражи наодите за најголемите сомнежи, кои очигледно го мачат целиот цивилизиран свет, т.е. да даде македонски одговор на прашањето дали ковид-19 е биолошко оружје или вирус што настанал природно – вели Стефаноски.