Појавата на идеи и отворањето дебата во македонското општество за можните
алтернативни патишта за соработка и економски развој се особено логични по
нашето соочување со (не)очекуваните ефекти на билатералните соседски договори (Преспанскиот и Бугарскиот), кои наместо алатка за отворање на евроинтеграциите, ни ги претворија во инструмент за нови условувања и блокади. Уште повеќе што ЕУ (не)искрено изразува наводна немоќ да ги реализира своите ветувања спрема
Македонија, која како држава и народ „принесе незамисливи жртви на олтарот
креиран од некои членки на Унијата“
Секое ново одложување на ЕУ да направи конкретни чекори за европерспективата на Македонија сѐ подлабоко ја поткопува веродостојноста на паролата „нема друга алтернатива освен ЕУ“. Растот на скептичноста во однос на ветувањата (зачинети со ултиматуми) од ЕУ, содржани во оваа до скоро „безалтернативна синтагма“, би можел да се нарече очекувана реакција по серијата вета за почнување преговори со Унијата.
Почнаа сѐ погласни размислувања и дебати за алтернации
Појавата на идеи и отворањето дебата во македонското општество за можните алтернативни патишта за соработка и економски развој се особено логични по нашето соочувањето со (не)очекуваните ефекти на билатералните соседски договори (Преспанскиот и Бугарскиот), кои наместо алатка за отворање на евроинтеграциите, ни ги претворија во инструмент за нови условувања и блокади. Уште повеќе што ЕУ (не)искрено изразува наводна немоќ да ги реализира своите ветувања спрема Македонија, која како држава и народ „принесе незамисливи жртви на олтарот креиран од некои членки на Унијата.
Своевиден исчекор кон преиспитување на „политичката догма“ за безалтернативноста и безрезервната посветеност на Европската Унија, направи и македонскиот претседател, Стево Пендаровски, поттикнувајќи ја темата на една панел-дискусија, дека „доколку продолжи и понатаму блокадата на Бугарија, а ЕУ го држи под мраз проширувањето, Македонија мора да бара алтернативи“. Една од опциите на Пендаровски е „да ја донесеме Европа дома“, но и повеќе да се насочиме кон САД.
– Треба наскоро да почнеме да го враќаме во живот договорот за стратегиско партнерство со САД од 2008 година. Ова не значи откажување од европските интеграции, напротив. Но ако продолжи спорот со Бугарија, мора да бараме алтернативи – изјави Пендаровски во деновите пред Бугарија и официјално да ѝ го ефектуира второто вето на Македонија на јунскиот самит на ЕУ, под португалско претседателство.
Сепак, ЕУ е приоритет и во алтернациите, но хоризонтот се проширува
Додека преставниците на актуелната македонска власт барањето алтернативи и понатаму го гледаат во рамките на ЕУ, но во други форми, а исто така и во досегашните стратегиски партнерства, претставниците на опозицијата не се ограничуваат со досега поставените рамки.
– Стратегискиот договор со САД е ОК, како договор со светска сила. Но зошто не и со Кина! Тоа е цивилизација во подем, која полека ја потиснува Западната цивилизација… Зошто да не сме дел од проектот „Појас и пат“ (17 +1 држава), во кој и сме формално, а во него има и држави од ЕУ, за изградба на автопатишта… Еве, Грците се членка на ЕУ, па им го продадоа пристаништето на Кинезите. Исто и Унгарија е членка на ЕУ, па на местото на Соросовиот универзитет отвораат Кинески универзитет, кој мислам дека е меѓу топ 100 на Шангајската листа… Ова не се Кина и Русија од 1990-тите, од времето на Елцин, кога Западот доминираше. Светот станува мултиполарен. Тоа се стратегиските партнерства, Русија, САД, Кина.. Ајде други да видиме… Движењето на неврзаните е од суштинска важност за нашето признавање во ОН, бидејќи две третини од светската популација се во тоа движење и 120 држави што гласаат рамноправно во Генералното собрание. Ако некоја наредна генерација, или нашата генерација се осмели да го поништи Преспанскиот договор и да ги извести ОН, тогаш ќе ни требаат нужно Неврзаните… Да зборуваме за другите алтернативи… Социјалистичка алтернатива, уште од времето на партизаните е балканска конфедерација, или денес ја викаат мини-шенген. Тоа е исто така алтернатива… Следен е БРИКС, како сојуз на држави во подем, па Евроазиска унија, каде што е и Србија – ги искажа Димитар Апасиев, лидер на Левица, своите размислувања за надворешнополитичките и економски визии, во кои Македонија би можела да си пронајде свое место и поддршка во мултиполарниот свет.
Запоставените размислувања за нашите алтернативни планови и опции
Потребата од размислувања за алтернативните опции за меѓународна соработка на Македонија, како политичка, но пред сѐ економска, би требало да биде дел од постојаните активности во создавањето на политичката визија и дипломатската практика за развојот на земјата. Според политичките аналитичари, сериозна дипломатија одамна би работела на тоа во разни варијанти, а обелоденувањето (или реализацијата) на алтернативните планови би се случило во зависност од развојот на политичките констелации на поширок план и, секако, според капацитетот на државата за такви изведби.
– Не само што е време за размислување за алтернативи во надворешната политика и економската соработка на Македонија туку и многу доцниме. Дури и нашата политика и дипломатија како да ги запоставија (или немаат капацитет) таквите размислувања за алтернативни планови и опции, во што е и суштината на нивното дејствување како „уметност на (не)возможното“. Премногу слепо и еднонасочно се посветивме на опцијата за ЕУ. Безалтернативноста е спротивна на смислата и суштината на дипломатијата и политиката. Сепак, ме радува што на македонската политичка сцена се отвора дебата за алтернативните опции и визии за македонската иднина и геополитичко позиционирање. Можеби за економска соработка со земјите на БРИКС немаме доволен економски капацитет, а и не сум сигурна колку е овој сојуз активен, но секако е добро да се размислува за нив како алтернатива. Но земјите на Неврзаните и регионалните сојузи со земјите од поранешна Југославија се повеќе познат терен за соработка, со кои можеме да настапуваме како конкурентен економски пазар. Всушност, Србија никогаш и не се откажа од Движењето на неврзаните и, благодарение на тоа, ја одржува својата политика за непризнавање на Косово во Обединетите нации. На тоа движење припаѓаат две третини од светската популација, а Македонија како сукцесор на Југославија, која е негов основач, може да има големи придобивки во својата политика – вели поранешната амбасадорка Мелпомени Корнети.
Како уште една слабост на македонската политика и дипломатија, амбасадорката Корнети ја согледува практиката да си поставуваме самите поголеми бариери во надворешните односи со другите земји од тие што се сугерирани или побарани од меѓународната заедница или од ЕУ, како усогласување на надворешната политика.
– На пример, во однесувањето спрема санкциите за Иран. Сите земји на ЕУ и понатаму тргуваат со оваа земја, во рамките на дозволените ограничувања од санкциите (или можеби тајно и поинтензивно), додека ние ги прекинавме речиси сите односи. Така се однесуваме и во соработката со другите земји, кои се означени како некаква закана за нашите партнери, додека тие и понатаму си соработуваат со нив. Самите си наметнуваме пет пати поголеми бариери од тие што ни се сугерираат – вели амбасадорката Мелпомени Корнети, потсетувајќи дека безалтернативноста не смее да биде опција за сериозна држава.