Портпаролот на Владата, Душко Арсовски, смета дека Договорот од 2017 година е добра основа и рамка за разговорите да продолжат во насока на изнаоѓање решенија за спорот со Бугарија.
– Нашиот став е дека нема потреба од нов договор и од анекс на договорот – вели Арсовски.
Тој најави дека во текот на денот премиерот Зоран Заев ќе има телефонски разговор со канцеларката Ангела Меркел.
– Благодарни сме што претседавачот со ЕУ на ваков начин се залага за исполнување на заедничката цел, а тоа е одржување на првата меѓувладина конференција со што се означува почетокот на преговорите до крајот на годината. Ова е сигнал за целиот регион дека со тоа се задржува кредибилитетот на ЕУ што е интерес на сите – рече Арсовски.
Тој вели дека паралелно се одвиваат контактите меѓу министерствата за надворешни работи на двете земји.
– Во интерес на тој процес не би требало да се изнесуваат детали. Секој нов состанок води кон зајакнување на довербата и кон приближување на позициите – вели Арсовски.