Во европската стратегија за почиста животна средина се предвидува целосна декарбонизација на европската тешка индустрија и на транспортот, со намера до 2050 година да се постигне стадиумот од нето-нула емисии. Во таа насока е воведувањето на горивата на иднината, пред сè на водородот, но скапиот процес за негово производство може да му ја додели оваа улога на амонијакот. Какви се размислувањата и условите во Македонија
Европа забрзано работи на декарбонизација на тешката индустрија и на транспортот
Македонските градови повторно изминатите денови се наоѓаат во светскиот врв според загаденоста на воздухот, а покрај загадувањето предизвикано од загревањето на домовите, огромна улога игра и загадувањето предизвикано од транспортот и индустријата.
Во европската стратегија за почиста животна средина се предвидува целосна декарбонизација на европската тешка индустрија и на транспортот, со намера до 2050 година да се постигне стадиумот од нето-нула емисии.
Во таа насока е воведувањето на горивата на иднината, пред сè на водородот, но скапиот процес за негово производство и недоволно развиената технологија може да му ја додели оваа улога на амонијакот.
Исто како и водородот, амонијакот може да игра клучна улога во процесот на декарбонизација на европската тешка индустрија и транспорт.
Тој согорува без испуштање јаглерод диоксид и е нашироко произведувано хемиско соединение што се состои од азот и водород. Користен како гориво, амонијакот може да овозможи циркуларна економија – да се складира, испорачува, користи и повторно да се конвертира во неговите составни делови, азот и водород.
Сепак, додека популарноста на водородот како чисто гориво од суштинско значење за достигнување нето-нула емисии во Европа постојано расте, на амонијакот сѐ уште се гледа само како на клучна хемикалија за производство на ѓубриво.
Она што е предност на амонијакот е што тој се произведува од катализирана пареа формирана од фосилни горива, генерирајќи притоа околу еден отсто од севкупните глобални емисии на јаглерод диоксид.
Исто така, тој може да се синтетизира со употреба на обновлива електрична енергија, односно со комбинирање азот и безјаглероден водород. Оттука, со комерцијализација на обновливото производство на амонијак, првиот сектор што ќе има директна полза од декарбонизацијата е токму индустријата за ѓубрива, а со неа и синџирот на снабдување со прехранбени производи.
Покрај ова, амонијакот може да се „осамостои“ и како важно гориво: не само што согорува без јаглерод диоксид како и водородот туку содржи и поголема енергетска густина и полесно се складира и транспортира од водородот, поради фактот што не мора да се чува во криогени (нискотемпературни) складишта. Истовремено, амонијакот може да послужи и како „носач“ на водород, овозможувајќи негов полесен транспорт на подолги далечини. Во Јапонија тој веќе се смета за најупотреблив носечки медиум за водородот.
Како независно гориво и водороден медиум, амонијакот е сериозен кандидат за широка употреба во шпедитерската индустрија. Тој може да обезбеди доволно енергија за долги патувања, иако не треба да се заборава дека тој сѐ уште има поголем волумен од мазутот (кој сега се користи), што во практика значи дека би зафаќал поголем складиштен бродски простор.
Сепак, потенцијалот на амонијакот е многу поголем од досегашната употреба во тешкиот транспорт.
Негови најнегативни страни се високата токсичност и запаливост. Од друга страна, постојат веќе етаблирани процедури – како на пример прочистување на гасовите – што може да се справат со овој проблем. Сѐ што треба да се направи е тие да се популаризираат и надвор од секторите што веќе користат амонијак и некои негови деривати.
Иако се во тек иницијативите за развој на производство на амонијак по пат на користење обновливи извори на енергија, голема е веројатноста дека ќе бидат потребни и нови пристапи за надминување на овој јаз – барем до „созревањето“ на модерната технологија.
Како што покажаа стратегијата за водород на ЕУ и јапонската глобална иницијатива за зелен амонијак, за да се развие и отвори пазарот за ова ново независно гориво од клучно значење ќе биде развојот на нискојаглеродната синтеза како еден вид привремено решение. Причина за ова е што од една страна, креаторите на политики ја стимулираат побарувачката на амонијак, но од друга, за да се задоволи зголемената побарувачка се потребни доволно големи резерви и значително зголемување на производството од обновливи извори на енергија.
Пристапот со производство на нискојаглеродни горива е комбинација на традиционалната синтеза на амонијак со употреба на природен гас. Со ваквата постапка ќе се обезбеди не само „повлекување“ на поголемиот дел од јаглеродниот диоксид уште пред да стигне до атмосферата туку и негово складирање или користење како суровина за синтетички горива или хемикалии, пишува „Еуроактив“.
На овој начин, побарувачката може да се зголеми и „поткрепи“ со адекватни резерви, додека обновливите методи не се усовршат и не станат економски изводливи – доволно изводливи за да ја „преземат должноста“.
Исто како во случајот со водородот, синџирот на снабдување со амонијак и неговата инфраструктура треба да се развијат и унапредат повеќе од она што моментално е во употреба во индустријата за ѓубрива. Со ваквите промени, амонијакот ќе стане многу подостапен за потенцијалните идни корисници.
Во Македонија употребата на амонијакот како гориво би можело да помогне во процесите на декарбонизација на тешката индустрија, но и во камионскиот транспорт.
– Амонијакот е флуид што се користи во процесот на декарбонизација. Тој содржи во себе значително количество водород и се користи како флуид што се транспортира од една локација до друга каде што се трансформира во водород – појаснува Константин Димитров, претседател на Центарот за енергетска ефикасност – МАЦЕФ.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека работат во насока на придонесување на земјава кон декарбонизацијата.
– Работиме на интеграција на енергетските и климатските политики, како и Долгорочната стратегија за климатска акција, што значи интензивирање на инвестициите во обновливи извори на енергија и што истовремено ќе има ефект и на намалувањето на емисиите на загадувачките супстанции во воздухот. До крајот на оваа година ќе биде доставен на усвојување и ревидираниот национален поднесок кон Парискиот договор, каде што ќе ѝ предложиме на Владата зголемување на амбицијата за редукција на емисијата на стакленичките гасови дури за 82 отсто во однос на 1990 година, со што ќе обезбедиме значителен придонес во декарбонизацијата – велат од МЖСПП.