Премиерот Димитар Ковачевски, во име на Владата и во свое лично име, упати честитка за Божиќ до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископ охридски и македонски, г.г. Стефан, како и до сите православни верници кои го празнуваат Христовото раѓање – Божиќ, еден од најголемите христијански празници.
– Во духот на денешниот празник да се потсетиме на неговата симболика – да сакаме, да почитуваме, да простуваме, да помагаме и да подаваме рака на оние на кои им е потребна помош. Само со добрина во нашите срца и желбата за сплотеност ќе можеме да ги победиме разните искушенија пред кои сме исправени – порача Ковачевски во честитката.
Премиерот потсети на значењето на Божиќ, кој, како што вели, „е празник кој обединува, кој сплотува и кој значи безусловна љубов“.
– Како што празникот сите нè обединува во семејниот дом, така нека нè обедини и во сите други сфери на живеењето. Да се радуваме на денешниот ден, да ја славиме веста за Христовото раѓање, со љубов и топлина во нашите срца. Со добра мисла и добри дела можеме да одиме напред и да создаваме подобро утре за сите нас. Нека денешниот ден, Божиќ-симболот на радоста, надежта, сплотеноста и заедништвото биде наша водилка во годината што почнува. Христос се роди! Честит Божиќ! – наведува Ковачевски во честитката упатена до поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан.
Пендаровски: Да се почитуваме меѓу себе, да бидеме солидарни и да ја чуваме татковината
Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска на сите православни верници им го честиташе големиот христијански празник Христовото раѓање – Божиќ.
Мицкоски: Да си подадеме рака едни на други, заеднички да работиме на подобра иднина
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски упати честитка по повод празникот Рожденство Христово – Божиќ до сите православни христијани.
Мицкоски во честитката испраќа порака за сплотеност и заедничко делување кон, како што наведува, благосостојба, напредок и подобро општество. Потребни се, оценува, надеж и заедништво како никогаш досега за да успееме да се избориме за подобра иднина.
-Од мое лично име и од името на ВМРО-ДПМНЕ на сите православни христијани им го честитам големиот христијански празник Рождество Христово – Божиќ. Овој ден на кој го славиме животот, новите почетоци и семејството нека ви донесе многу здравје, радост и среќа во вашите домови кои ќе ве следат низ целата година. Христовото раѓање не потсетува на Божјата љубов, милосрдие, меѓусебно да се разбираме и почитуваме, да бидеме хумани и да си помагаме, особено сега во овие тешки времиња со кои се соочуваме. Празнувајќи го овој празник да дадеме пример со порака за сплотеност заеднички да делуваме кон благосостојба, напредок подобро општество. Заеднички да делуваме да се измени тешката реалност и да не живееме повеќе во неизвесност и несигурност. Потребна ни е нова и подобра реалност. Македонија во која сите заедно ја живееме сегашната реалност и ја споделуваме маката, мора да стане држава на среќни граѓани, држава на граѓани кои ќе имаат квалитетен живот и достоинство. Да си подадеме рака едни на други и со верба да работиме на нашата заедничка и подобра иднина, а поразите и неуспесите да останат позади нас. Нека Христовото раѓање ви донесе светлина и радост во вашите домови. Нека е за многу години големиот христијански празник Божиќ. Христос се роди! Навистина се роди! – пишува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Маричиќ: Овие денови нека бидат поттик да се однесуваме одговорно за доброто на сегашните и идните генерации
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ упати честитка до граѓаните од православна вероисповед по повод Божиќ.
– Денот на љубовта, на раѓањето, на заедништво и простувањето поминете го со вашите најблиски во радост, здравје, мир, хармонија и добро расположение. Во Христовото раѓање да го пронајдеме најсилниот мотив и поддршка во нашите напори да сме подобри, поправедни, посолидарни и похумани и со меѓусебно почитување, разбирање и заедничка посветеност да ги направиме нашите разлики нови можности за напредок и развој на македонското општество. Овие свети денови нека бидат поттик за да се однесуваме одлучно и одговорно за доброто на сегашните и идните генерации и да продолжиме да создаваме услови за уште подобра и попросперитетна иднина за сите наши граѓани и нашата држава. Честит Божиќ, бидете здрави и живи! – наведува Маричиќ во честитката.
Спасовски: Со нова енергија да бидеме инспирирани на благородни дела, солидарност и заедништво
Дозволете ми свое лично име и од име на МВР да ви го честитам првиот празник меѓу празниците, Рождеството Христово – Божиќ, со желби, пред сѐ, за добро здравје, духовен спокој и мир.
На спасоносниот и најрадосниот ден, кога надежта и верата победуваат, Синот Божји се раѓа, носејќи го семето на вечниот живот за да нѐ избави од ропството на гревот, подавајќи ни рака за наше спасение.
Христовата незалезна светлина духовно нѐ воздигнува и ни отвора нови порти кон нови возвишени цели. Преку новиот живот да создадеме подобра иднина.
Со нова енергија да бидеме инспирирани на благородни дела, солидарност и заедништво. Да бидеме добри секогаш, секаде и со секого.
Нека блескавата Витлеемската ѕвезда повторно го осветли нашиот пат, потсетувајќи нѐ на вистината, дека Христос се роди и Бог го испрати спасението на човештвото.
Честитајќи ви го Божиќ, ви посакувам празничната радост да ја споделите со најблиските, со чисто срце и искрена љубов.
Христос се роди!
Ахмети пренесе желби за мир и бескрајна добрина
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, по повод празникот Божиќ, ги пренесува своите искрени желби за здравје, мир, бериќет и бескрајна добрина во вашите домови.
Почитувани сограѓани од православна вероисповед,
Во овие празнични моменти кои ги доживувате со вашите најблиски по повод празникот Божиќ, ви ги пренесувам моите искрени желби за здравје, мир, бериќет и бескрајна добрина во вашите домови.
Нека секогаш е подадена раката на милосрдието, помирувањето и помошта еден кон друг.
Среќен Божиќ!
Груби: Вашите семејства да бидат благословени од светлината на здравјето, мирот и бескрајните добрини
Првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби денеска, по повод Божиќ, упати честитки до сите граѓани од православна вероисповед.
Груби во честитката испраќа порака за меѓусебна почит и пријателство.
– По повод вашиот празник Божиќ, посакувам вашите семејства да бидат благословени од светлината на здравјето, мирот и бескрајните добрини. Овие празнични мигови нека бидат рефлексија околу светоста на семејството, околу високите вредности на духовно прочистување, меѓусебната почит и искреното пријателство – наведува Груби.