Новото судско рочиште денска за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, во скопскиот Кривичен суд заполчна со сведочење на припадници на интервентната полиција при СВР Скопје.
Притоа првиот сведок раскажа како на 3 декември 2023 година го земале осомничениот Велибор Манев од полициската станица Кисела Вода со кого заминале за Велес, кадешто тој на полицајците им покажал каде е закопан убиениот Жежовски.
-Прво се возевме, а потоа одевме пеш по земјен пат. Велибор на колегите од СВР Велес им посочи: ,,Тука е местото, тука има закопано човек”. Местото беше покриено со гранки. По 15-тина минути го вративме Велибор во полициската станица – сведочеше полицаецот.
Неговите зборови ги потврди и вториот сведок, исто така полицаец од екипата која била задолжена да го спроведе Манев од Скопје до Велес и обратно. Тој додаде дека тие биле само придружба на осомничениот, а колегите од СВР Велес копале на посоченото место. За тоа време Манев воопшто не прозборел ништо повеќе.
За киднапирање и свирепо убиство на велешанецот Панче Жежовски на 22 ноември 2023, како и за киднапирање и свирепо убиство на Вања Ѓорчевска од Скопје на 27 ноември, обвинети се Љупчо Палевски, Влатко Кешишев, Велибор Манев, Боре Видевски и таткото на убиената Вања, Александар Ѓорчевски.
Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.