Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Со гордост можеме да кажеме дека Македонија уште еднаш покажа зрелост, достоинство и демократска свест. Денеска нашата држава помина низ мирни, фер и демократски избори кои се гордост за секој наш граѓанин – изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Валентин Манасиевски на прес-конференција по завршување на гласањето.

Тој изрази огромна благодарност на сите граѓани кои излегле на гласање и ја покажале својата одлучност и доверба.

– Сите извештаи говорат дека изборниот ден помина во мирна и достоинствена атмосфера, тоа е доказ дека Македонија знае да спроведе демократски избори по највисоки стандарди – рече Манасиевски.

Тој подвлече дека очекува одличнен изборен резултат на ВМРО-ДПМНЕ и голема победа.

– Знаеме дека граѓаните очекуваат резултати, решенија и нова енергија. Ние таа доверба нема да ја изневериме. Од утре почнуваме со работа, со уште поголема посветеност и одговорност – рече Манасиевски и најави дека во текот на вечерта ќе започнат со објавување на првите резултати од гласањето.

На новинарско прашање за малата излезност во Сарај и во Чаир и дали тоа би значело блокирање од нивниот коалициски партнер ВРЕДИ, Манасиевски одговори дека гласањето е избор на секој човек поединечно.

-Тоа што одреден поединец или одредена партија дава или не дава поддршка на еден кандидат е одраз на став зад кој стојат повеќе причини. Тоа е нивна одлука, ние во тоа нема да навлегуваме, секој граѓанин има право да го изрази својот став, сепак сме демократска држава. Ние како ВМРО-ДПМНЕ ќе работиме оние партиски и етнички бариери да ги отргнеме, да работиме за заедништво и заедничка држава – рече тој.

На новинарско прашање колку градоначалнички места се очекуваат, Манасиевски рече дека очекуваат во секоја општина каде имаат градоначалник од вториот круг да извојуваат огромна победа, вклучително и во Скопје каде очекуваат убедлива победа.

Во однос на реакциите на некои партии за нерегуларности, тој повтори дека имаше фер и демократски избори и дека за првпат по подолго време има европски избори.