Осврт кон најактуелните настани во Општина Струга
- Во заклучоците на Советот на Општина Струга се бара од надлежните истражни органи и од Јавното обвинителство на Република Македонија итно да ги приберат сите релевантни податоци, документација и докази и да преземат соодветни истражни дејствија за целосно расчистување на случајот со нелегалниот ископ на минерални суровини и работењето на каменоломите во заштитната зона на изворот Шум
Струга и стружани и понатаму се соочуваат со колосалниот еколошки инцидент поврзан со загадувањето на пивката вода. Според локалните власти, голем удел во одговорноста за инцидентот имаат две локални компании што вршеле ископи во близината на изворите во селото Шум, што довело, меѓу другите причини, до загадување на водата за пиење во градот. Но она што е за издвојување и информирање на јавноста е што покрај овој инцидент, се случуваат и низа други што ја поткрепува тезата на повеќе стружани, кои се јавија во редакцијата и кои состојбата и настаните во Струга и Струшко ги опишаа како „хаос и безредие на инциденти во низа…“.
Нов инцидент: Поткопани далноводи на ЕВН
Според повеќе соговорници, деновиве е актуелен уште еден тежок инцидент во Струга. Имено, на 10 февруари, по известување од МВР-Струга, екипите на ЕВН излегле на терен и констатирале длабоки ископи околу столбовите од 10 киловати преку кои тече напојувањето на пет корисници.
Поради констатираните обемни оштетувања на теренот и ископи, како и поради големите врнежи и лошите временски услови, екипи на ЕВН не биле во можност веднаш да извршат стабилизација на еден столб на далноводот кај кој е констатирана исклучително критична состојба.
Во брифингот на граѓаните се наведува дека наводно бил во тек и повторен обид на ЕВН за санација на најзагрозениот далновод, но се разгледува и друго алтернативно и потрајно техничко решение. Според соговорниците, за овој инцидент се известени и припадници на МВР-Струга, како и градежната инспекција при Општина Струга, но и еден од сопствениците на парцелата.

Нови моменти во врска со случајот со пивката вода во Струга: Советот на Општина Струга донесе заклучоци на својата вонредна седница
Во заклучоците на Советот на Општина Струга се бара од надлежните истражни органи и од Јавното обвинителство на Република Македонија итно да ги приберат сите релевантни податоци, документација и докази и да преземат соодветни истражни дејствија за целосно расчистување на случајот со нелегалниот ископ на минерални суровини и работењето на каменоломите во заштитната зона на изворот Шум. Се бара, по утврдување на фактичката состојба, да бидат поведени соодветни постапки и да бидат поднесени обвиненија против сите правни и физички лица што со своето постапување или непостапување довеле до директно или индиректно загрозување на нормалното и безбедно снабдување на граѓаните на општината Струга со исправна вода за пиење.
Советниците од Струга имаат барање до македонската влада, а даваат задолженија и обврски и кон општинските извршни институции
Советот на Општина Струга упати итно барање до македонската влада да донесе одлука за определување заштитни зони за заштита на водите за водозафатниот објект извор Шум, со јасно утврдени граници на заштитните зони (I, II и III зона), потоа мерки за заштита, услови и начин на воспоставување и спроведување на заштитниот режим, како и картографски приказ и евиденција во соодветните регистри.
Паралелно со тоа, советниците ги задолжија стручните служби на локално ниво, односно од општината, итно да побараат стручно мислење, анализа и препораки од надлежните институции во врска со процена на настанатата еколошка и хидрогеолошка штета, процена на можните ризици по здравјето на населението, утврдување на потребните мерки за санација и заштита, како и воспоставување систем на континуиран мониторинг. Со тоа што поднесоците да бидат доставени и до Министерството за животна средина и просторно планирање, Институтот за јавно здравје, Факултетот за рударство и геологија, Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, Градежниот институт и други релевантни научни и стручни институции.
Задолженија од страна на Советот до градоначалникот на Струга и до другите служби
Советот на Струга го задолжи градоначалникот на Општина Струга да формира стручна и независна комисија што ќе утврди евентуални пропусти на општинските органи, ќе утврди евентуална одговорност на службени лица, ќе предложи дисциплински и други законски мерки и најитно ќе предложи план за итно отстранување на последиците.
Натаму, Советот на Струга ги задолжи сите надлежни инспекциски служби при Општина Струга итно и неодложно да постапат, секој во рамките на своите законски надлежности, со цел констатирање на сите неправилности и прекршувања, изрекување мерки во согласност со законот, задолжување на правните и физичките лица за отстранување на утврдените недостатоци, спречување на понатамошно нарушување на безбедноста на изворот и пошироката околина.
ЈП „Водовод и канализација“ Струга е задолжен итно да ги донесе сите неопходни правилници и интерни акти, да воспостави систем на редовен мониторинг и контрола на квалитетот на водата, неодложно да постапи по насоките и препораките од надлежните институции, да преземе мерки за имплементација на неопходните технички и безбедносни стандарди и итно да се спроведе независна ревизија на работењето на претпријатието.
Се задолжува Општина Струга да воспостави транспарентен систем за информирање на јавноста преку редовно објавување на резултатите од анализите на квалитетот на водата, а се побара изработка на акционен план со временска рамка и конкретни носители на активности за санација, заштита и за долгорочно управување со изворот Шум.
Заклучоците веќе стапија во сила и советниците на Општина Струга се дополнително ангажирани во надзор и контрола на општинските извршни институции на кои им ги испорачаа заклучоците. Р.Н.М.


































