Фото: МИА

Животниот век на пациентите со рак на дојка, рак на бели дробови и меланом значително се зголемува во споредба со претходните години, благодарение на поквалитетен третман, воведување нови лекови и зголемен буџет за лекување на Клиниката за радиотерапија и онкологија. Иако бројот на новодијагностицирани случаи останува релативно стабилен, вкупниот број на пациенти расте, што укажува дека тие живеат подолго и овие заболувања сè повеќе се третираат како хронични, пренесе МИА.

Според податоците, годишно се регистрираат меѓу 800 и 1.000 нови случаи на рак на дојка, околу 700 случаи на рак на бели дробови во изминатите две години, додека бројот на пациенти со меланом бележи значителен раст – од 63 случаи во 2020 година на 174 во 2025 година. Овие информации беа презентирани на прес-конференција од директорите на Клиниката и на Фондот за здравствено осигурување, д-р Игор Стојковски и Сашо Клековски.

-На пример, за канцер на дојка, до пред четири-пет години на Клиниката имаше околу 5000 пациенти годишно, а оваа година и лани имаме 7000. Кај пациенти со канцер на бели дробови имаме 1200 годишно во 2020 година, а оваа година се околу 1743, а најдрастично покачување на преваленцата има кај пациентите со меланом – оваа година се 514 кои се третираат на Клиниката, а беа околу 200 во 2020. Кумулирањето на бројот на пациенти се должи, меѓу другото, и на иновативна терапија која е ефикасна за овие заболувања, како и поради алоцирање повеќе финансиски средства за третирање на овие пациенти – рече д-р Стојковски.

Директорот на Фондот, Клековски, посочи дека постои јасна врска меѓу вложувањата во терапијата и продолжениот и поквалитетен живот на пациентите. Финансирањето на Клиниката се зголемило од околу 10 милиони евра годишно до 2017 година, на околу 57 милиони евра за 2026 година, што претставува раст од 14 проценти во однос на минатата година.

-Конкретно, за рак на дојка, во 2020 издвојувањата биле околу 700 евра по пациент, за сега да стигнат до 2.500 евра по пациент. Заради новооткриени и вкупен број на пациенти со рак на дојка буџетот за нив е скоро една третина од вкупниот буџет. Односот меѓу инциденца и преваленца е продолжување над седум години, што е битно поместување во однос на минатото. Кај ракот на бели дробови инциденцата се движи околу 600 до 700 случаи годишно, додека преваленцата односно вкупниот број тука е околу 1700. Очекувано тука бројот на живи пациенти е помал во однос на инциденцата затоа што е доста поагресивен и подоцна се открива, меѓутоа од односот меѓу инциденцата и преваленцата очекуваниот животен век е над две години, што е битно подобрување. И тоа е поврзано со зголемувањето на финансирањето, од неколку стотини евра, сега се вложува по 7.600 евра, а исто така во третманот на рак на бели дробови повеќе се вклучува имунотерапија – од 11 прценти во 2021, сега речиси 49 проценти од пациентите се вклучени на имунотерапија, и тука се гледа подобрувањето на животот на овие пациенти – изјави Клековски.

За меланомот, кој се смета за еден од најагресивните видови рак, односот меѓу новите случаи и вкупниот број пациенти покажува преживување подолго од три години, што исто така се должи на современите терапии и значителните инвестиции во лекување.

Клековски истакна дека континуираното зголемување на буџетот ќе овозможи поголем опфат на терапиите и дополнително подобрување на квалитетот на живот на пациентите. Воедно, најави дека средствата се користат и за набавка на нови лекови – шест биле воведени минатата година, а оваа година се очекуваат уште два нови за рак на дојка, нова терапија за рак на простата, како и зголемување на опфатот со имунотерапија за 10 проценти.

-Ракот во еден дел од случаите веќе е хронична болест и е состојба со која ќе се живее подолго време и треба полека да се подготвуваме за пристап во согласност со фактот што пациенти ќе живеат подолго. Предизвикот е голем затоа што колку стануваме подобри во третманот, толку растат и потребите, како на пример од специфични видови терапија кои не секогаш можеме да ги предвидиме во нашиот систем – истакна Клековски.

На Клиниката моментално функционираат три акцелератори за зрачење, од кои еден е пуштен во употреба минатата година по долг период на нефункционалност. Дополнително, беше презентиран и нов апарат за третман на метастази во мозокот, со што пациентите повеќе нема да мора да се упатуваат на лекување во странство.