Собранието вечерва на продолжение на 43. седница ја заврши општата расправа по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата, во прво читање, и го проследи во натамошна процедура. Како што соопшти претседателот на Собранието, Предлог-законот не бил разгледан од страна на матичната собраниска комисија и Законодавно – правната комисија во законски утврдениот рок.
– Со предложените решенија треба да се овозможи спроведување на стручниот испит за стекнување на лиценца за работа на лицата кои се заинтересирани да се вклучат во системот за згрижување и воспитание за деца од предучилишна возраст, на заинтересирани лица за директори на установи на деца, на заинтересирани лица за раководители на детска градинка/центар за ран детски развој како организациска единица основана од страна и во состав на правни лица, високообразовна установа и на приватно училиште и на лица вклучени во системот за згрижување – се наведува во Предлог-законот.
Се предлага и промена во однос на условот за познавање на странски јазик на директорите на јавните установи за деца, како и усогласување на платите на директорите на јавни установи за деца со Законот за административни службеници. Конкретно, платата и на директорите треба да биде зголемена со разликата на порастот на минималната плата и да биде повисока од платата на вработените во установата (раководителите на објекти), имајќи ја предвид нивната поголема одговорност и обемот на работа.
Во тек на расправата пратеничката Јованка Тренчевска од СДСМ оцени дека Предлог-законот „е обид да се реши неспособоста на Владата“ која, рече, имала 15 месеци досега да го реши проблемот со електронскиот систем за полагање на испитот за лиценци за негуватели“.
– И во самиот предлог кој го поднесоа констатираат дека од окомври 2023 немало полагање а министер во ова Министерство ВМРО-ДПМНЕ има од јануари 2024, сега е од Влен министерот, 15 месеци не можат да го решат проблемот и да отворат набавка за да може да се полага во системот како што личи, а не со писмено полагање и упад. Предвидувате одредбата за полагање на испит да стапи во сила на 1.1 2026 година, тоа значи дека до 1.1. 2026 година ќе нема полагање. Отварате градинки, „за џабе“ ги отварате бидејќи нема кадар, не давате согласности и прво полагање ќе биде јануари 2026 година. Дотогаш градинките ќе кубурат со кадри, затоа што едни одат во пензија, а вие не овозможувате да полагаат за испразнетите места луѓето кои ги исполнуваат условите – рече Тренчевска.
Го оцени како добро предвиденото зголемување на платите на директорите, но, посочи, „ако во март годинава Владата го испочитуваше Општиот колективен договор сега платите не само на директорите туку и на сите вработени во јавниот сектор ќе беа многу поголеми“. Обвини дека со предвидената исплата на месечен надомест од 15.000 денари на одговорно лице, на административни лица и на информатичар со Предлог законот се понижуваат работниците со минимална плата, истакнувајќи дека треа да се зголемуават платите.
Во реплика Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ, рече дека „токму поради Тренчевска 2 500 луѓе не можеле да полагаат за лиценци затоа што направила нефукционален систем“.
Според Стојановски, со овој закон се решава „хаост што го направила поранешната министерка со кој 2500 луѓе не можеле да земат лиценци и да се вработат, а со тоа и да се згрижат деца“.
– Не знам дали мислите дека некој ќе излажете, или сама се лажете. Или немате елементарно чувство за срам да зборувате за вакви работи кога знаете дека овој закон се носи заради тоа што вие сте донеле закон со кој сте направиле хаос. Направивте нефункционален систем со принцип 50:50, односно секаде каде победија градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ ако биле барани согласности за вработувања кажувавте 50 проценти да бидат за тие, тие и тие, а за останатите 50 да бидат на начин за кој ќе им кажете, односно како ќе се договорат во партијата, 2.500 луѓе не можа да полагаа за лицеци толку поради оваа министерка која е подеднакво успешна во менаџирање на лиценците како што беше успешна со менаџирање на револтот на пензонире кои ги бркаа од Министерството и им велеа дека не може да има покачување на пензии – рече Стојановски и дополни дека се планира изградба на 40 градинки со унгарскиот заем за кои ќе треба кадар.
Дополнителниот надомест што се предлага со законот, рече дека „е за наградување на добро сработеното“, а соопшти и дека се работи на системско решение за да им се покаќатѕ платите и на други работници во администрацијата.
Пратениците во рамки на 43. седница без расправа оценија дека е прифатив Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за надворешни работи, во прво читање, и го проследија во натамошна процедура. Целта на законот е усогласување со одредбите на Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа и подобрување на тековните недоречености во постојниот Закон за надворешни работи.
– Со донесување на Предлогот на закон се очекува да се подигне нивото на функционалност на активностите и процесите кои ги води или спроведува МНРиНТ, што воедно ќе придонесе за ефикасно да се спроведат задолженијата согласно ново доделените надлежности во креирањето на надворешно трговските политики кои произлегуваат од Законот за изменување и дополнување на законот за организација и работа на органите на државната управа. Измените кои се однесуваат на делот на дипломатијата и условите на именување, унапредување и отповикување на дипломатите и шефовите на ДКП-а ќе ги допрецизираат постоечките законски прописи во насока на зајакнување на капацитетите на Министерството – се наведува во образложението.
По гласањето за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата, во прво читање, претседателот на Собранието Гаши ја прекина седницата.