Под мотото „Здрави почетоци, надежна иднина” денеска во Скопје беше одбележан Светскиот ден на здравјето, во организација на Македонското лекарско друштво.
Претседателот на Македонското лекарско друштво, Горан Димитров истакна дека најважната работа е промоцијата да се допре до сите умови коишто не доаѓаат на редовни контроли, прегледи и земање тестови и вакцинација за заштита од рак на грло на матка.
-Убавата работа е во тоа што минатата година ние воведовме деветовалентната вакцина и сега вакцинираме и момчиња и девојчиња. За разлика од претходните години кога опадна дури до 32 проценти, сега се покачува на над 50-60 проценти. Нема никакви последици од вакцината. Досега се дадени 270 милиони дози од оваа вакцина која се смета за откритие на 21 век- рече Димитров.
На новинарско прашање околу напредувањето во науката, Димитров потенцира дека она што потпаѓа под нивна надлежност го прават.
-За напредување во наука тоа се значителните едукативни институции кои постојат во државата. Тоа се трите медицински факултети, школите за средно медицинско образование и сите останати. Меѓутоа, она што потпаѓа под нас е дека со полна пареа организираме настани, работилници, конгреси, симпозиуми кои се од интернационален карактер со голема важност- рече тој.
Димитров напомена дека Македонското лекарско друштво годинава го слави 80 јубилеј, која е основано во август 1945 година. Нагласи дека нивната фела е околу седум-осум илјади медицински доктори, лекари и организацијата работи на остварувањето на целите на МЛД – организирање на континуирираната медицинска едукација, бидејќи, како што рече, едукацијата на лекарите, докторите не престанува со завршување на факултетот, како и зачувување на угледот на лекарите во нашата држава.
Министерот за здравство, Арбен Таравари истакна дека тие како Министерство се што прават е нашите пациенти да добијат поквалитетни, подобри и поблиски услови до нив. Министерот нагласи дека здравјето на мајките и новороденчињата е еден од главните приоритети, а воедно го честиташе Светскиот ден на здравјето на сите здравствени работници.
Аким Али, претставник на Светската здравствена организација за Република Северна Македонија потенцира дека годинава фокусот е ставен на мајчинското здравје и здравјето на новороденчињата што, како што рече, е од суштинско значење за иднината на земјата.
-Навистина многу добра работа завршија вашите доктор, сестри и сите здравствени работници и Северна Македонија има постигнато голем напредок, меѓутоа има уште работа која што треба да се заврши. Се надевам дека заедно ќе продолжиме да работиме во иднина и да постигнеме успех – рече Али.