Премиерот Христијан Мицкоски денеска оцени дека зголемените параметри во економијата ги загрижуваат и се причина за делувањата од изминатите денови на центри на моќ кои не сакаат Владата да успее, а Македонија да биде стабилна, мирна и просперитетна.
Во одговор на новинарско прашање при посетата на општина Јегуновце, Мицкоски посочи дека зголемениот промет на услуги, што го регистрираше Државниот завод за статистика, е уште еден во низата параметри кои велат дека конечно почнуваме да се развиваме и оти, наведе, „тоа е причината сите центри на моќ на кои не им одговара Македонија повторно да биде водечка и во економијата и во мирот и во стабилноста и во меѓуетничките односи во регионот да го предизвикуваат тоа што го прават во изминативе денови“.
– Во второто тримесечие односно во изминатиот квартал имаме пораст во делот на услугите за 3,5 проценти, но она што за мене е исклучително важно и охрабрувачки е што во првите седум месеци, од јануари до јули, во делот на туризмот имаме за 10,5 проценти повеќе туристи споредено со истиот период минатата година и очекувам таа бројка до крајот на годината да биде и до 15 проценти, што ќе биде најголем раст во регионот убедливо. Истовремено бројот на странски гости, туристи што ја користат Македонија како место за одмор е зголемен за 15 проценти споредено со истиот период минатата година и очекувам таа бројка да биде 25 проценти до крајот на годината – рече Мицкоски.
Сите овие индикатори, дополни премиерот, ги загрижуваат овие центри на моќ кои не сакаат оваа Влада да успее, коишто не сакаат Македонија да биде стабилна, мирна, просперитетна.
– И тие се обидуваат со ваков тип на лешинарење и подметнувања да функциониараат, но, ќе повторам, ние ќе се бориме и ќе ги победиме – изјави Мицкоски.