Почнаа уписите на 12 факултети и три академии на Универзитетот „Гоце Делчев“(УГД) во Штип. Проректорот на УГД-Штип, Мишко Џидров на денешната прес-конференција изјави дека уписите ќе траат во наредните три дена, а според електронското пријавување и годинава најголем интерес за запишување на студенти во прва година за академската 2025-2026 година има за Факултетот за медицински науки. Слободни места на сите факултети и академии има за над 2.100 студенти, а околу 800 се за вонредни студенти.
-Сите кандидати кои на нашиот сајт направиле профил ќе мора да ни ги достават документите во нашите наставни центри низ Македонија. Така покрај Штип можат да ги достават документите во Скопје, Струмица, Кавадарци и во Гевгелија. Морам да потенцирам дека ако се интересираат за студиска програма, која е во Штип, а живеат во Струмица можат да ги достават документите во Струмица и да не патуваат по овие високи температури – вели Џидров.
Тој посочи дека оние кои се уште се немаат одлучено можат да го погледнат сајтот на УГД, кој нуди 80 студиски програми.
– По вториот уписен рок следува и вториот на 4 и 5 септември и третиот на 17 и 18 септември, по што почнуваме со настава од 1 октомври. Ги повикувам кандидатите да ги погледнат и резултатите по првиот уписен рок, за да видат дали ќе бидат едни од кандидатите, кои ќе бидат ослободени од плаќање на партиципација – вели Џидров.
Проректорот Џидров вели дека на секој факултет и академија се различни бројките за ослободување од партиципација за најдобро рангираните студенти. На Факултетот за медицински науки ќе се ослободат 20 студенти, потоа на факултетите за информатика, правен, економски, бизнис логистика, земјоделскиот, природно-техничкиот по 10 студенти, а по пет студенти ќе бидат ослободени од партиципација на машински, електро-технички, теничко-технолошки, за образовни науки и на музичката академија. По двајца студенти од партиципација ќе бидат ослободени од академиите за филмска и ликовна уметност.
Инаку, проректорот Џидров дополнително истакна дека во октомври ќе биде објавен и конкурсот за ранливи категории, во кој што УГД ќе се обиде да помогне на некој специфични категории на студенти кои што ќе се зпаишат и истиот се организира по барање на студентите и невладините сектори.