Фото: Нова Македонија

На собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска почнаа интервјуата на пријавените кандидати за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД). За новиот состав на КСЗД пријавени се вкупно 14 кандидати.

Актуелниот член на КСЗД, Лимко Бејзароски, нагласи дека одлучил да се кандидира за нов мандат поради, како што рече, резултатот што го оставил во досегашниот петгодишен мандат.

 

– Во Комисијата не бев само декор, туку решение и надеж за секој дискриминиран од страна на дискриминаторот во нашата држава. Конкурирав затоа што целиот мој петгодишен мандат го поминав како експерт, кој работеше независно, еднакво за сите граѓани, непристрасно и неселективно. Тоа е потврдено од многу страни во општеството, тоа го знае секој што имал работа со Комисијата и таквото мое однесување остави длабоки резултати, кои ќе останат во архивите на Комисијата и ќе бидат пример како понатаму таа треба да работи – рече тој.

Бејзароски потенцира дека сите заедно треба да се трудиме да ја поразиме појавата на дискриминација.

– Комисијата треба да биде хиерархиски поставена, добро организирана, со јаки стандарди, која ќе може да се наметне во општеството со својот авторитет на централно и национално ниво како надеж за сите граѓани за да ги остварат своите човекови права и слободи од областите за кои се засегнати и таква Комисија е надеж и за државата, каде што граѓаните ќе може да ги остварат своите права и слободи. Законски со сите акти на државата се забранува дискриминацијата, меѓутоа за нас како општество не е тоа доволно. Сите ние заедно се трудиме да ја поразиме појавата на дискриминација, односно формалното да го претвориме во материјално, да може граѓанинот да ја почувствува еднаквата примена на законот – рече Бејзароски.

 

Кандидатот Кире Василев, кој веќе бил член и претседател на Комисијата, нагласи дека доколку биде избран, ќе се залага за поактивна улога на КСЗД.

– Веќе бев дел од Комисијата и претседател од 2021 до 2022 година. Токму во овие две години имав можност да го практикувам Законот за спречување и заштита од дискриминација, што ми овозможи од прва рака да ги видам неговите добри страни, но и слабостите при неговата примена. Врз основа на тоа искуство сметам дека најголемиот предизвик за новиот состав на Комисијата ќе биде да се соочи со јазот помеѓу ефикасноста и ефективноста на Комисијата. Тоа го кажувам земајќи го предвид фактот дека и покрај тоа што во текот на годината се решаваат голем број индивидуални случаи, повеќето од дискриминаторските практики во општеството остануваат непроменети. Доколку ми биде дадена довербата, ќе се залагам за многу поактивна улога на Комисијата. Сметам дека потребен е нов стратешки пристап, кој ќе се темели на силна соработка со партнерите – рече тој.

Потенцира дека негов приоритет ќе биде евалуацијата на досегашните резултати од работата на Комисијата и создавање подобрена верзија на Националната стратегијата за справување и заштита од дискриминација на Комисијата заснована на веќе научените лекции.

– Мојата крајна цел е зајакнување на едукативната и на еманципаторската улога на институцијата. Особено ќе посветам внимание на адресирање на најтешките форми на дискриминација, со посебен фокус на лицата со попреченост, Ромите и борбата против дискриминацијата на жените. Сметам дека потребни се одредени законски измени, пред сè, во форма на организацијата на Комисијата – ротацијата на претседателското место создава постојана забуна и помеѓу вработените и во решавањето на предметите. Добар е примерот на ДКСК – еден претседател да биде на тоа место во рамките на целиот мандат – истакна Василев.

 

Кандидатката Џихан Ахмед нагласи дека преку нејзиниот личен и професионален ангажман покажува чувствителност кон прашањата на еднаков третман и заштита на ранливите категории и има силна мотивација активно да придонесам за антидиксриминациски политики и практики. Како член, потенцира Ахмед, подготвена е одговорно, непристрасно и професионално да придонесе во разгледувањето на претставките, мислењата и унапредување на свеста за спречување на дискриминацијата и ставајќи ги во прв план јавниот интерес и достоинството на поединецот.

Во однос на измените во законите во делот на дискриминацијата, Ахмед потенцира дека на учениците треба да им се даде повеќе простор да си ги кажуваат своите мислења и ставови.

– Мислам дека сите теба да се третираат исто, без разлика на етничка припадност, учениците да имаат простор да си го кажат своето мислење, да имаме повеќе интеракциска настава, а не како порано еден професор зборува, а другите го слушаат, да им се дозволи на учениците што повеќе да го кажуваат своето мислење – рече Ахмед.

 

Комисијата е составена од седум члена, кои ги избира и ги разрешува Собранието. Членовите на Комисијата се избираат со мандат од пет години, со право на уште еден последователен повторен избор. При изборот на првиот состав на Комисијата, во согласност со овој закон, четири члена се избираат со мандат од пет години, а тројца со мандат од три години, со право на уште еден последователен повторен избор. Од редот на членовите избрани со мандат од пет години Комисијата избира претседател со мандат од една година, без право на повторен избор.

За член на Комисијата може да биде избрано лице кое е државјанин на Македонија; да има стекнато 240 кредити според ЕКТС или VII/1 степен на образование и да има минимум седум години работно искуство од областа на човековите права, од кои пет во областа на еднаквост и недискриминација; во моментот на изборот со правосилна судска пресуда да не му е изречена казна затвор над шест месеци или забрана за вршење професија, дејност или должност и да не е носител на функција во политичка партија.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација е самостоен и независен орган кој работи во согласност со надлежностите утврдени со Законот за спречување и заштита од дискриминација. Членовите на Комисијата треба да го одразуваат составот на општеството во целина и при изборот на членовите на  Комисијата се применуваат принципите за соодветна застапеност на сите општествени групи, начелото на соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците и родово балансирано учество.