Македонскиот научник од сферата на вештачката интелигенција, Дејан Порјазовски, креираше нова дигитална платформа која секое зборување на македонски јазик го претвора во текст напишан во дигитална форма, а скопскиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ и официјално ја пушти во употреба.
Платформата, наречена „Буки“, е базирана на вештачка интелигенција и овозможува пренос на усно изговорена мисла на македонски јазик во пишан текст кој содржи интерпункција, мали и големи букви. Во моментов функционира моделот за литературен јазик, но се работи и на втор модел, кој би ги препознавал македонските дијалекти. „Буки“ може да им биде од корист на сите кои работат со транскрипција на текст (интервјуа, предавања, теренски белешки, потсетници), на лица со попреченост, за транскрипција и анотација на македонското културно наследство, архиви и архивски снимки.
Моделот е креиран од Дејан Порјазовски, експерт за технологии на вештачка интелигенција за препознавање говор од Универзитетот „Аалто“ во Финска, како дел од активностите на Центарот за напредни интердисциплинарни истражувања (ЦеНИИс) при УКИМ, и во соработка со проф. д-р Никола Стиков, професор по биомедицински инженеринг на Политехничката школа при Универзитетот во Монтреал, Канада.
Идејата за проектот била на проф. Никола Стиков, кој на презентацијата рече дека таа најпрво била од лични мотиви, а потоа и заради исклучителната важност да се зачува македонскиот јазик и наследство.
– Илјадници часови снимени материјали се распаѓаат во влажните ќошиња на македонските институции чекајќи да бидат пребарани и индексирани. Моделот „Буки“ е првиот чекор кон зачувувањето на ова богатство. Трениран е со само 60 додатни часа говор, но веќе е далеку подобар од конкуренцијата – рече Стиков.
По промоцијата на моделот, УКИМ почна кампања „Донирај глас“ и секој кој сака да придонесе, ќе може да го „донира“ својот глас – да прочита текст на македонски јазик и да го прикачи на платформата Мозила.