Фото: Игор Бансколиев

За православните христијански верници кои се водат според јулијанскиот календар денеска почна шестнеделниот божиќен пост. Постот ќе трае 40 дена, односно до Божиќ, 7 јануари, денот на раѓањето на Исус Христос. Бидејќи датумот на Божиќ не се менува, постот секоја година почнува на 28 ноември, а завршува со Бадник, 6 јануари.

Христијанскиот пост е воведен по примерот на Исус Христос, кој 40 дена поминал во пустина во пост и молитва. Постот претставува духовна и телесна подготовка на човекот за влез во тајната на претстојниот празник. Божиќниот пост е втор по должина на траење, веднаш по велигденскиот.

Во однос на „строгоста“ за употреба на храна, пост е „поблаг“, бидејќи дозволува користење вино, масло за јадење и риба.

Целта на постот е да се „исчистат“ духот и телото, што се постигнува не само со воздржување од мрсна храна, туку и од лоши мисли, зборови и дела. За време на божиќниот пост, посни се и сите славски трпези.