На 93 години почина проф. д-р Љупчо Арнаудовски, долгогодишен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје и еден од доајените во областа на криминологијата, пенологијата и социјалната патологија.
Арнаудовски oсновно и средно образование го завршил во родниот град Охрид. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје (1960), а магистрирал на Правниот факултет во Загреб (1966). На Правниот факултет во Скопје ја одбранил докторската дисертација на тема „Вонзатворските воспитни мерки во југословенското кривично право“ (1975).
Работел како виш научен соработник во Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје (1963-1979). Бил избран за вонреден професор на Правниот факултет во Скопје по предметите криминологија и пенологија (1979), а потоа и за редовен професор на истиот факултет (1985). Од март 1944 година бил член на СКОЈ, а од мај 1949 година и член на СКЈ. Бил секретар на Градскиот комитет на СКМ (1969-1973). Ги вршел функциите член на РИС и секретар за внатрешни работи на СРМ (1971-1973). Од овие функции бил отстранет во периодот на „либерализмот” поради сфаќањата и јавните настапи од тие позиции.
Бил член на Републичкиот судски совет (1994-2000 година). Избран за претседател на Моралниот суд на РМ (2003).
Љупчо Арнаудовски ќе биде погребан утре на Градските гробишта „Бутел“.