Фото: Факултет за музичка уметност / Фејсбук

По долго и тешко боледување почина проф. м-р Жана Димчевска (5.6.1956 – 4.11.2023) која беше редовен професор на Факултетот за музичка уметност.

Димчевска е родена во Скопје. Средното музичко образование го завршила во Скопје, на инструментот виолончело кај светски реномираниот виолончелист и педагог Андре Навара од Франција.

Високото образование го стекнала на Факултетот за музичка уметност во Скопје на наставно-теоретскиот насока, каде подоцна ги завршува и постдипломските студии. Од 1981 до 1997 година работела во МБУЦ „Илија Николовски-Луј” во Скопје како професор по предметите солфеж и теорија на музиката во основниот и средниот оддел. Од 1988 година, односно од формирањето на Детскиот хор „Пиколо” при МБУЦ „Илија Николовски-Луј”, активно учествува во работата на истиот како втор диригент. Таа е еден од најистакнатите наставници и активен креатор на реформите во музичкото образование преку соработките со Заводот за унапредување на образованието и воспитанието на Македонија.

Активно учествуваше во работата на Здружението на музичките педагози на Македонија. Континуирано учествувала во организирањето на републичките и сојузните натпревари на учениците и студентите по музика. Едновремено учествуваше во повеќе комисии во МБУЦ „Илија Николовски Луј“.
Димчевска се реализира и на полето на воннаставните активности, каде била долгогодишен активист на Музичката младина на Македонија, одговорен професор на Младинската организација при МБУЦ и др.

Од 1997 до 2023 година, Димчевска беше професионално ангажирана на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде особено посветено работеше на унапредување на предметот солфеж. Таа перманентно учествуваше на Државните натпревари на ученици и студенти по музика, со свои студенти и истовремено беше ангажирана како член на жири комисија во студентските категории.
Од 2005-2009 година, проф. Димчевска ја извршуваше функцијата продекан за настава на ФМУ.