Фото: Кабинет на Претседателот

На 89-годишна возраст почина Милка Ефтимова – македонската оперска примадона, доајен на Македонската опера и амбасадор на македонската уметност и култура во светот.

Во својата богата и плодна кариера, таа отпеа четириесет оперски улоги, како и многубројни партии во ораторијални дела и соло изведби, застанувајќи повеќе од 1200 пати на оперската и концертната сцена, во дваесетина земји низ светот.

Таа ќе остане запаметена по улогите на Орфеј во Орфеј и Евридика, Ацучена во Трубадур, Еболи во Дон Карлос, Сузуки во Мадам Батерфлај, Марфа во Хованшчина, Урлика во Бал под маски и многу други, а најголем печат остави во насловната улога на Кармен. Од оперската сцена јубилејно се прости токму со Кармен на 6 ноември 1991 година.

Милка Ефтимова е родена во Радовиш на 26 февруари во 1936. Завршила средно музичко училиште во Штип, музичка академија во Љубљана, и предавала на Факултетот за музичка уметност и во средното музичко училиште во Скопје. Во 1961 за првпат застанала на сцената на оперскиот театар.

Таа беше редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, наставник на Музичко-балетскиот училиштен центар во Скопје и Средното музичко училиште во Штип.

Добитник е на наградите: „11 Октомври“ (1985), „Св.Климент Охридски“ (2001), „Мајка Тереза“ (2009), како и Орден за заслуги (2022).