Беби-бум во Зоолошката градина во Скопје / Фото: Горан Анастасовски

По повеќе од 20 години во скопската Зоолошката градина се родија три лавчиња.

Се родија на 7 март, годинава. Мајката Бела која во Скопје дојде од Германија е постојано со нив и деноноќно се грижи за лавчињата. Таткото Чака пак потекнува од Франција. Вработените велат дека ова е една од најубавите работи која се случила во скопската Зоолошка градина и постојано внимаваат мајката и малите да се безбедни и да ги имаат сите услови во внатрешното живеалиште каде што моментално се под постојан надзор.

Денес, новите жители на ЗОО-Скопје ги фотографираше Горан Анастасовски.

-Посетителите ќе имаат можност да ги видат кога ќе бидат доволно возрасни да можат самостојно да се движат низ надворешното живеалиште – истакна директорот на Зоолошката градина, Кристијан Стаменов.

Зоолошката денес ја посети градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.

-Ова е една од најубавите работи кои се случиле во Зоолошката градина во Скопје, лавчињата се одлично згрижени, а вработените во Зоолошката градина со професионалност и внимание се грижат за мајката и малите да се безбедни и да ги имаат сите услови во внатрешното живеалиште каде што се постојано набљудувани – истакна Арсовска.

Градот Скопје ги известува сите љубители на животни и посетители на ЗОО – Скопје, дека во идниот период ќе имаат прилика да учествуваат во давањето имиња на трите лавчиња.