Образованието тргна од длабок минус, минимум квалитет и крајно незадоволителен. За жал, во изминатите седум години во образованието не беше направено ништо за тоа да се придвижи кон европскиот образовен простор. По една година имаме видливи резултати, кои ќе станат јасно видливи на крајот на мандатот на оваа влада – истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска на панел-дискусијата „Ги градиме темелите на промените. За твоето време кое доаѓа!“ организирана по повод една година од оваа Влада.
Нагласи дека за една година, со обединување на сите надлежни институции МОН, БРО, ДИЦ, ДПИ, училиштата и сите чинители во образовниот кон единствена цел – модерен систем на образование, поставени се, рече, стабилни темели на пет значајни столба: зајакната легислатива со донесување пет закони и до крајот на годината уште неколку нови, инвестиции во инфраструктура – седум објекти се изградени и 20 се во фаза на реновирање или доградба, проектот за едносменска настава и оптимизација на училишната мрежа, потоа модернизација на наставата со воведување нови наставни планови и програми, набавени учебници минатиот 1 септември кои ќе ги има и на почетокот на следната учебна година.
Како што рече, и во високото образование и науката се носат нови закони, меѓу кои Законот за квалитет на високото образование. Нагласи дека двојно повеќе од лани, односно околу 680 милиони денари, се издвоени за наука и истражување и се отворени три повици за факултети, научни институти и МАНУ, а одѕивот е рече таа, повеќе до задоволителен.
Информираше дека првпат е уплатен комплетен пристап до научни бази, како што е Web of Science, и се отворени вратите за докторски студии на наши научници во врвни европски истражувачки центри. Исто така, соопшти министерката, почнат е концепт за дуално образование и во високо образование – на Машинскиот факултет кој, рече, има соработка со престижни германски факултети.
Јаневска кажа дека цели во модернизација на образованието се дигитализација и понатаму воведување вештачка интелигенција во наставата.
-Воведувајќи модернизација на образовниот систем го фаќаме последниот воз за да влеземе во европскиот образовен простор, зашто досега иако вербално тоа го сакавме, немаше таква реална можност. За жал, во седум години во образование не беше направено ништо за да не придвижи кон европскиот образовен простор … Градиме модерен систем на образование со една цел – нашите ученици, нашите млади, да почнат да градат и да веруваат во вистински вредности и да се надградуваат себеси, да развиваат компетенции, вештини, способности и да ја сакаат државата. Да може да излезат на пазарот на трудот дома и на глобално ниво – истакна Јаневска.
Како што рече, „од ден на ден успеваме да направиме тоа што треба“, со многу труд и со работа од 12,14 и повеќе часови на ден, и оти во тоа е вклучено не само МОН, туку и другите институции од образованието. Притоа порача дека за да може да се поправи нешто, сите чинители во образовниот систем треба да ги знаат предизвиците и проблемите, а нејзе тие и се познати од претходно бидејќи како претседател на партиската Комисија за образование на ВМРО-ДПМНЕ постојано била во контакт со наставници, родители и претставници на институциите.